Во светот над 3,1 милиона заразени со коронавирусот, Европа водечка по жртвите

ANSA/LUCA ZENNARO

Бројот на заразените со новиот тип коронавирусот во светот достигна во средата вечерта 3.167.448, а бројот на починатите како последица од болеста Covid-19 што тој ја предизвикува достигна 224,562 луѓе, од кои повеќето од половината се забележани во Европа.

Според податоците кои ги систематизира Институтот за медицина при Универзитетот „Џонс Хопкинс“ во американската сојузна држава Мериленд, со вкупно 1.027.295 заразени и 58.965 починати САД го заземаат првото место во овој трагичен биланс.

Меѓутоа, Европа како континент со вкупно 130.002 починати лица од Covid-19 на 1.433.753 заразени е најтешко погодената со пандемијата, според податоците од средата навечер на коишто се повикува агенцијата AFP.

Италија во Европа е прва според бројот на починатите, со 27.682 на 203.591 заразени, според податоците на „Џонс Хопкинс“.

Следи Обединетото Кралство со 26.166 починати на 165.221 заразени, според најновите податоци кои ги опфаќаат и смртните исходи во домовите за стари и немоќни лица и слични установи.

Трета според починатите е Шпанија со 24.275 жртви на 236.899 заразени, а четврта според бројот на жртвите е Франција со 23.694 жртви, на 169.053 заразени.