Во талибански напади убиени 23 авганистански војници

Најмалку 23 припадници на авганистанските безбедносни сили се убиени во текот на изминатите 24 часа во три одвоени но координирани напада на талибаните во покраините на северот од земјата, соопштија во средата безбедносни извори.

Нападите, среде острите авганистански зими кои во претходниот период вообичаено беа карактеризирани со прекин на судирите, следеа откако талибанското движење во понеделникот ги демантираше информациите за можните планови за прекин на огнот доколку со САД биде постигнат договор за повлекување на американските воени сили од Авганистан.

Во северната покраина Балк бунтовниците убиле седум полицајци во напад на нивните позиции, соопшти началникот на покраинската полиција. Поисточно во северната покраина Кундуз, талибаните на полноќ нападнале контролен пункт и убиле девет припадници на безбедносните сили, соопштија локалните власти. Уште поисточно, бинтовници на контролен пункт близу границата со Таџикистан, убиле седум припадници на безбедносните сили, потврдил портпаролот на северната покраина Такхар.

Од неодамна талибаните ги засилија нападите врз владините сили на северот од Авганистан. Во понеделникот убија 13 полицајци во покраината Џовзџан.

Прекинати се преговорите за примирје меѓу радикалното исламско движење Талибан и САД, за повлекување на американските сили од Авганистан, каде што се наоѓаат уште од 2001 година кога ја соборија талибанската влада. Според аналитичарите, доколку на крајот биде постигнат договор талибаните да не дозволат територијата на Авганистан да се користи за подготовка и изведување терористички напади врз САД и нивните сојузници, во замена за повлекување на најголемиот дел од американскиот контингент, треба да се очекуваат „помалку насилства“.