
Во тек е конкурсот за учество во финансирање проект од национален интерес во културата, манифестација „Топол културен бран“ во 2016 година. Со цел постигнување правилна деметрополизација на културата и рамномерен локален културен развој во земјава, Министерството за култура и во 2016 година обезбеди средства од Буџетот на Република Македонија за реализација на манифестацијата „Топол културен бран“.
Манифестацијата ќе се реализира преку заедничко финансирање од страна на Министерството за култура и локалната самоуправа со обезбеден партнерски и финансиски однос за остварување на културните потреби на сите граѓани. Настаните, како и секоја година, ќе се реализираат во две етапи – првата во јули, а втората во август 2016 година.
Програмскиот концепт може да содржи самостојни и групни ликовни изложби, концерти од сите музички форми и жанрови (солистички, камерни, симфониски, популарни, етно и џез концерти, концерти на фолклорни и на хорски ансамбли и слично), изведби на класичен и на современ танц, филмски проекции, драмски претстави, проекти наменети за најмладата популација, поетски читања и друго.
Пријавувањето на програмата се врши со доставување на уредно пополнета пријава која треба да се преземе од веб–локацијата на Министерствотo за култура (www.kultura.gov.mk) и да се пополни електронски со впишување податоци на означеното место. Конкурсниот рок трае заклучно со 27.5.2016 година.