Американскиот производител на електрични автомобили „Tesla“ објави скок на приходите во 2023 година благодарение на пониските цени, предупредувајќи дека очекува побарувачката нагло да забави во 2024 година.
Во „Tesla“ минатата година повеќепати ги намалија цените за да ја одржат побарувачката, што се одрази со скокот на продажбата од 40 отсто и продадени 1,8 милиони автомобили. Вкупниот приход скокна за 19 отсто на 96,8 милијарди долари, по скокот на испораките. Нето добивката порасна за истиот процент, достигнувајќи 15 милијарди долари.
На крајот на годината приходите нагло забавија, со стапка на раст од само 3 отсто, а водството на компанијата предупреди дека очекува значително послаб раст во 2024 година. Извршниот директор Илон Маск предупреди дека кинеската конкуренција „повеќе или помалку ќе ги уништи повеќето други автомобилски компании во светот“, доколку не се воспостават трговски бариери.
Повикот на Маск за трговски бариери на сè поконкурентниот пазар уследи по извештајот кој покажа дека кинескиот BYD ја надмина „Tesla“ во продажба во четвртиот минатогодишен квартал. Дополнителен проблем е падот на продажбата, по неколкуте добри години.
Кинеските производители, исто така, ги намалија цените за да ја зголемат продажбата, а Европа забележа пад од речиси 17 проценти во декември во споредба со истиот месец во 2022 година, според здружението ACEA.