Во Тирана убиен познат наркобос и сопственик на многу бизниси во Албанија и Швајцарија

Во центарот на Тирана во четвртокот е убиен 65-годишен маж, сопственик на бројни бизниси, но и познат како наркобос кој шверцувал хероин од Турција во Албанија.

Бехар Суло Софиа, по потекло од Берат, познат на полицијата пиради неговите криминални активности е убиен со огнено оружје со придушувач. Неговото убиство било добро организирано и дека убијците пукале од автомобил во движење во момент кога тој пешки се движел на тротоар во близина на познатиот објект „Пирамида“ покрај реката Лана, пренесуваат локалните медиуми.

Бехар се смета за еден од блиските соработници на Абдулселам Тургут, уапсен во Албанија за трговија со хероин.

Албанските власти, од пред една година, Тургут го бара со меѓународна потерница, како дел од терористичка ќелија која подготвувала напад врз муџахедините кои се сместени во Албанија.

Бехар во 1998 година бил уапсен заради шверцување на поголема количина хероин од Турција во Албанија, а бил вмешан и во инцидентот во Драч во 2009 година во кој беа убиени четворица полицајци.

Во Албанија имал градежна фирма, повеќе маркети и детски градинки, како и неколку бизниси во Швајцарија. Пред неколку години одреден период живеел во Турција.

Истрагата е во тек, а полицијата ги прегледува надзорните камери поставени на локацијата каде бил убиен. Мотивот најверојатно е пресметка меѓу нарко кланови.