Во украинско ракетирање од американските ракетни системи HIMARS погодена е Каховската хидроцентрала а една од рекетите ја оштетила браната, соопштија за медиумите во неделата претставници на проруските сепаратистички власти од јужниот украински регион Херсон кој од почетокот на март е под контрола на руските и сепаратистичките сили.
„Вооружените сили на Украина не отстапуваат од обидите да ја уништат браната на Каховската хидроцентрала и да предизвикаат предуслови за хуманитарна катастрофа. Денеска во 10 часот беа истрелани шест проектили HIMARS. Пет проектили беа соборени во противвоздушната одбрана, е еден падна кај шахтата на Каховската хидроцентрала и е уништена. Се прецизираат податоци за жртви“, изјавил претставник на руските власти во Херсон, пренесува агенцијата РИА.
Големата брана кај Нова Каховка го запира Дњепар низводно од Херсон, стратешки град кон кој украинските сили се обидуваат веќе два месеца да напредуваат. Уништувањето на браната би поплавила големо низводно подрачје, што би довело до големо уништување во Херсонскиот регион.
Покрај тоа, честа цел на украинските ракетирања е Антоновскиот мост кој ги поврзува бреговите на Дњепар за да ја спречат логистиката на руските сили, а претходно седмицава руската војска објави дека е одбиен ракетен напад врз пристаништето.
Кон средината на октомври командантот на здружената група на руските сили кои ги изведуваат борбените операции во Украина, генералот Сергеј Суровикин, предупреди дека постојат разузнавачки информации кои укажуваат на можен масивен ракетен напад врз браната на Каховската хидроцентрала.