Во утринските напади на цивлни домови во Појасот Газа загинаа 96 лица, меѓу жртвите се и деца и жени

Во нападите на израелските сили утринава низ Појасот Газа загинаа најмалку 96 лица, а повеќе од 60 се ранети, јавуваат денеска арапските медиуми.

Израелските сили (ИДФ) извршија напади врз станбени згради во Беит Лахија, Нусејрат, Буреи и Џабалија, соопшти канцеларијата за медиуми на окупираната палестинска енклава, пренесува Ал Џезира.

Окупаторската армија знаеше дека во овие куќи и станбени згради живеат десетици раселени цивили, од кои повеќето деца и жени, се вели во соопштението.

Палестинската медиумска канцеларија објави дека тие сметаат оти Израел и администрациите на САД, Велика Британија, Германија, Франција и други „земји кои учествуваат во геноцидот се целосно одговорни за продолжувањето на војната и етничкото чистење“.

Израелската војска минатиот месец испрати тенкови во Беит Лахија и блиските градови Беит Ханун и Џабалија, најголемите од осумте историски бегалски кампови во Појасот Газа, како дел од кампањата против членовите на Хамас кои се обидуваа да се реорганизираат.

Во меѓувреме, Министерството за здравство во окупираната палестинска енклава денеска соопшти дека заклучно со 7 октомври 2023 година е потврдено дека загинале 43.800 Палестинци, а речиси 104.000 се повредени.