Во Јужна Кореја нови 169 заразени од коронавирус и 11 смртни случаи

Јужна Кореја соопшти дека во земјата има регистрирано уште 169 заразени лица од новиот коронавирус и 11 смртни случаи.

Како што пренесуваат светските агенции, со тоа вкупниот број заразени во земјата достигна 1.146 лица.

Јужна Кореја е на второ место по Кина според бројот на заразени од новиот коронавирус наречен Ковид-19.

Јужнокорејскиот Центар за контрола и превенција на болести соопшти дека 134 од новите случаи се во југоисточниот град Тегу, а 19 во околните региони.

Поголем број од 11-те починати престојувале во болницата во Чхондо, каде што се појави заразата.

Околу 68 отсто од јужнокорејските случаи се поврзани со верската заедница Шинчеонџи во која 61-годишна жена го прошири коронавирусот, но и натаму не е познато како таа се заразила.

Јужнокорејските здравствени власти вчера соопштија дека планираат да направат тестирање кај повеќе од 200.000 членови на верската група Шинчеонџи.

На американски војник кој се наоѓа во Јужна Кореја му е дијагностициран коронавирус, соопшти војската на САД.

Во соопштението се наведува дека тој е првиот заразен американски војник, не само во оваа земја.