Салон за мебел целосно изгоре во пожарот кој избувна во понеделникот околу 14 часот на влезот во Индустриската зона кај Василево.
Во пожарот, кој е локализиран, нема повредени. Причините за неговото избувнување дополнително ќе се истражуваат.
Според очевидци, пожарот избувнал одеднаш, а први го забележале вработените во бензинската пумпа, која од салонот за мебел ја дели само една улица, преку која се влегува во Индустриската зона. Тие веднаш ја алармирале Противпожарната единица на Струмица и ја повикале полицијата.
„Околу 14 часот се слушна само силно пукање и одеднаш се појави огнот. Многу се исплашивме и веднаш го повикав маж ми. Тој дојде и сите заедно заминавме на безбедно, бидејќи стравуваме огнот да не ја зафати бензинската пумпа“, раскажуваат членови на семејството Митеви, чија куќа е спроти салонот веднаш до коловозот.
Во гаснењето на пожарот учествуваа неколку возила на Противпожарната единица на Струмица и едно од Радовиш.
Сообраќајот е пренасочен и се одвива по стариот пат кон Василево и Радовиш.