Во фабриката за прехранбени производи „Подравка“ од Копривница во тек е повлекување на производот „Вегета“ за одредени производни серии од пазарите во Австрија, Германија и Словачка.
Како што јавуваaт хрватските медиуми, во текот на рутинската контрола во Австрија биле утврдени индиции за присуство на салмонела.
Од „Подравка“ информираат дека производот „Вегета“ во пакувањата од 250 и 500 грама се повлекува од пазарот во Австрија, Германија и Словачка, бидејќи во текот на рутинската контрола во Австрија било утврдено дека постојат индиции за присуство на бактеријата Салмонела во трагите од еден изолиран случај.
„Подравка“ сега самоиницијативно ги повлекува производите од овие три пазари. Производите се дадени на анализа во хрватски лаборатории што утврдиле отсутност на бактеријата Салмонела во „Вегета“ и на тој начин ги потврдиле резултатите на лабораторијата за Контрола на квалитетот на „Подравка“.
Во тек се и дополнителни анализи на производите наведени во производните серии кај овластените ЕУ лаборатории.
Оттаму нагласуваат дека редовно и континуирано во своите лаборатории спроведуваат контрола на квалитетот и здравствената исправност.
По добивањето на сите релевантни информации јавноста и другите надлежни тела благовремено ќе бидат информирани, наведува компанијата.