Војводински пратеник уапсен поради напад врз полицијата за време на протест

Пратеникот на парламентот на Војводина, универзитетскиот професор Радивоје Јововиќ, во четвртокот беше уапсен и одреден му е 30-дневен домашен притвор за напад врз полицијата за време на неодамнешните протести пред судот и обвинителството во Нови Сад, а се претпоставува дека тоа може да донесе нови тензии меѓу опозицијата, активистите и властите во Србија.

Јововиќ, претставник на Движењето на слободни граѓани (ПСГ), рано утринава е уапсен под обвинение за „напад врз службено лице“ и изведен пред обвинител, а му е изречена мерка куќен притвор од еден месец, со забрана за користење интернет, мобилен телефон и социјални мрежи.

Претходно синоќа ПСГ соопшти дека има информации дека по Јововиќ е распишана потерница и тој во текот на ноќта наводно самиот се пријавил во полиција со адвокат, а потоа и официјално бил приведен.

Процесуирањето на Јововиќ следеше притворањето претходно во ноември на најмалку петнаесет активисти кои учествуваа во неколкудневните протести поради несреќата на 1 ноември, кога загинаа 15 претежно млади лица, а две лица беа повредени, со трајни последици.

Претставници во парламентите на Србија и Војводина, советниците на Собранието на Нови Сад и стотици активисти организираа протести блокирајќи го Вишиот суд во Нови Сад и Вишото обвинителство, барајќи ефикасна истрага за несреќата и ослободување на уапсените активисти. а еден од учесниците на тие протести бил и Јововиќ.

Српскиот министер за внатрешни работи Ивица Дачиќ во четвртокот наутро за комерцијалната телевизија Пинк, прикажа кратко видео на кое се гледа како Јововиќ удира еден од полицајците, кои стојат со противдемонстрантски штитови во кордон пред пред зградата во која се сместени судот и обвинителството, судира во штитот и со раката го спушта визирот на кацигата на полицаецот.

„Секој што ќе крене рака против полицијата оди во затвор, без разлика кој е, па дури и мојот брат. Точка“, изјави Дачиќ за ТВ Пинк.

На Движењето на слободни граѓани, кое побара ослободување на Јововиќ, му порача дека сега можат „да пишуваат изјави колку сакаат“, но дека „ваквото однесување кон полицајците нема да биде дозволено“.

Пред да се пријави во полиција, Јововиќ рече дека не го признава „ни судот, ниту обвинителството кое не гони убијци и криминалци, туку обичните слободни граѓани“.

„Дојдов да се пријавам во полиција за да не нѐ бркаат по улиците, туку хумано и џентлменски да видам што е проблемот. Што се однесува до нашата борба за правда – ќе ја продолжиме додека не победиме“, изјавил Јововиќ пред да влезе во полициската станица, објави новосадскиот портал 021.rs.

Во меѓувреме, Секторот за внатрешна контрола на Министерството за внатрешни работи на Србија води постапка против полицајците кои во полициската станица во Нови Сад тешко го повредија седумдесет ичетиригодишниот Илија Костиќ, кој беше уапсен откако испрскал полицаец со бибер спреј на протестите. Поради тежината на повредите, на Костиќ итно му е извршена операција и му е отстраен еден тестис, соопшти неговото семејство.

Со истрагата за смртта во полициската станица Бор на Далибор Драгијевиќ, брат на осомничениот за убиството на двегодишната Данка Илиќ од областа Бор, ќе се занимава и Секторот за внатрешна контрола на Министерството за внатрешни работи на Србија. Се сомнева дека Драгијевиќ починал од „последици од пречекорување на службените овластувања“ за време на сослушувањето од засега неименувани припадници на полицијата во Бор.

Во исто време, опозицијата и активистите кои учествуваат во протестите поради несреќата на станицата во Нови Сад, и поради намерата на градските власти во Белград да го урнат Стариот Савски мост, обвинуваат дека владејачката Српска напредна партија (СНС) наводно испраќа маскирани провокатори на учесниците на овие собири кои се закануваат и предизвикуваат инциденти, а полицијата сè уште не уапсила ниту еден од нив.