Со одлуката на сите оператори за прекин на реемитување на сите домашни и странски ТВ канали, за првпат постои сериозна закана за медиумски мрак. Во битката меѓу медиумите, кабелските оператори и власта, колатерална штета се само граѓаните.
Од каде почна проблемот?
Ваквата одлука на операторите, за која не е прецизно наведено кога би стартувала, доаѓа по новите измени на Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги (АВМУ) што се донесоа на крајно нетранспарентен начин, без претходна јавна расправа, и тоа пред самото распуштање на Собранието и на Решението за распишување на парламентарните избори.
Со овие законски измени на операторите им се наметнува обврска да гарантираат за авторските права на програми што тие не ги произведуваат, туку само ги реемитуваат и за тоа да сносат материјална и кривична одговорност.
За овој закон со години постои несогласување и проблеми помеѓу македонските телевизии и операторите. Самиот закон беше донесен ден пред Нова година, на 31 декември 2018 година. Исто толку подмукло и несоодветно се гласаат и неговите измени, како најбитна точка пред распуштање.
Како власта тактизира пред избори
На овие измени инсистираа од Македонската медиумска асоцијација (ММА) за што добија политичка поддршка од владеачката коалиција на СДСМ и ДУИ, чии пратеници Костадин Ацевски и Артан Груби беа подносители на измените на Законот за АВМУ.
Поддршка добија и од министерот за информатичко општество, Дамјан Манчевски, кој правдајќи го законот за „Фокус“ вчера рече дека „мора да ставиме крај на беззаконието со непочитувањето на авторските права, кое е стандард во сите европски земји“.
Но, симптоматичното е што затемнувањето на каналите се случува токму во предизборието, баш кога се заостри објавувањето на сите криминалии на власта од страна на опозицијата, дали преку Рашела Мизрахи која го извади валканиот веш на Мила Царовска, па беше отстранета од министерското место, дали преку министерот Наќе Чулев кој секој ден одново ја потврдува некадарноста и неспособноста на Оливер Спасовски, дали преку, можеби најважниот момент, аудиозаписите со кои Антонио Милошоски го разобличи „чесниот Зоран Заев“ кој мисли само на својот „мултиетнички народ“. Примерите се многу,
Целта на власта предводена од СДСМ е јасна, а тоа не е правда за националните телевизии и медиумските работници, за кои многупати покажале до кој степен воопшто не им е гајле.
Не, целта е целосно замајување на граѓаните преку неинформираност, односно, дотур на информации само пред партиски контролираната МРТВ. Целта е до народот да не стигаат сите афери и криминалии во последните три години кои се откриваат сè повеќе и повеќе.
Вчера и директорот на АВМУ Зоран Трајчевски за „Фактор“ изјави дека Агенцијата за медиуми е разочарана од начинот на кој властите набрзина, во „пет до 12“ ги истуркаа измените, што не доликува на земја членка на Европската унија.
„Ние како Агенција воопшто не бевме консултирани, и исто како и целата јавност, разбравме од медиумите дека е донесен тој закон. А вакви значајни промени на законите не се носат во ваква процедура и во толку кус тајминг, пред распуштање на Парламентот, бидејќи можат да го загрозат и изборниот процес. И што е многу значајно, ние како АВМУ сега ќе треба да се ангажираме со правење на подзаконските акти, што ќе ни одземе многу време и ресурси, наместо целосно да се концентрираме на следење на изборниот процес“, вели Трајчевски.
За истото реагираа и од АВМУ.
„Сето ова се поклопува со веќе започнатиот изборен процес и мониторинг на медиумите од страна на Агенцијата. Наместо својот фокус и ресурси целосно да ги насочи кон квалитетно извршување на обврските кои произлегуваат од Изборниот законик, регулаторот е принуден дел од своите ресурси да ги пренасочи за изнаоѓање начини за спроведување на овие законски одредби, кои не само што се донесени во последен момент туку можат да го загрозат и самиот изборен процес“, реагираат АВМУ.
Воедно, од Здружението на информатичко-комуникациски технологии посочуваат дека поднеле барање до Уставниот суд за донесување времена мерка со која ќе се одложи неговата примена, заради неуставност.