Во Врховен недостигаат 10 судии, во Виш управен 4, а во апелационите судови вкупно 49

Судскиот совет на денешната 455 седница ја разгледа анализата за потребниот број на судии во Врховен, Виш управен и четирите апелациони судови во Скопје, Битола, Гостивар и Штип.

Анализата го покажува оптималниот број на судии во секој од судовите за навремено и ажурно постапување, согласно приливот на предмети и ќе биде користена како основа при објавувањето огласи по судови низ државата.

Според анализата, во Врховен недостигаат 10 судии, во Виш управен суд четири судии, во Апелационен суд Скопје 36 судии, во Апелационен суд Битола седум, во Апелационен суд Гостивар два и во Апелационен суд Штип четворица судии.

Претседателката на работната група која што ја изработи анализата за потребата на судии и судски службеници по судовите, Весна Дамева, нагласи дека таа е изработена врз основа на мислења прибавени од сите судови, како и анализа на податоци за бројот на примени и сработени предмети во последните три години, односно за 2020, 2021 и 2022 година.

Во Врховен суд во моментот по систематизација од 28, пополнети се 16 судиски места, од кои еден е претседател, а на еден му мирува функцијата. Работната група смета дека оптимален број за навремено и ажурно постапување е 26 судии, вклучително и претседателот.

Виш управен суд, по систематизација од 13, пополнети се осум места. Работната група смета дека оптимален број е 12 судии, вклучително и претседателот на суд.

Во Апелационен суд Скопје, од предвидените по систематизација 52 судии, во моментот има 30, од кои на двајца им мирува судиската функција и се избрани за судии во Уставен суд. Работната група смета дека оптимален број за навремено постапување е 66 судии.

Во Апелационен суд Битола, од предвидените 25 по систематизација, во моментот има 13 судии, од кои еден е претседател и на еден му мирува судиската функција. Работната група смета дека оптимален број е 20 судии, вклучително претседателот на судот.

Апелационен суд Гостивар, од предвидените 16 по систематизација, има 14, од кои еден е претседател, а на еден му мирува функцијата, бидејќи е избран за член на Судски совет. Работната група смета дека оптимален број е 16 судии, вклучително и претседателот.

Апелационен суд Штип, од предвидените по систематизација 16, во моментот има осум судии. Работната група смета дека оптимален број за совладување на бројот на предмети е 12 судии, вклучително и претседателот на судот.

Членот на Судскиот совет, Ивица Николовски, посочи дека од анализата може да се види дека на сите подрачја и во сите судови има недостиг на судии, има помал број на судии и потполнети места.

– Основен проблем е што ние сега сме далеку од бројката која врз основа на критериуми треба да биде исполнета за да пристапиме кон подобри резултати и поажурно судство, изјави Николовски.

Согласно стратегијата на Судски совет, анализата потоа треба да се користи и при изработка на нова судска мрежа на територијата на целата држава.