Во врска со смртта на Метју Пери уапсен докторот, неколкумина обвинети

Најмалку едно лице е уапсено, а неколку се обвинети во врска со смртта на ѕвездата на „Пријатели“ Метју Пери во Лос Анџелес пред речиси една година, објавија во четвртокот американските медиуми.

Американската телевизиска мрежа ABC News објави, повикувајќи се на полициски извори, дека во четвртокот наутро по локално време во јужна Калифорнија бил уапсен лекар. Мрежата NBC News и весникот The New York Times, исто така, објавија дека е уапсено најмалку едно лице, повикуваји се на свои извори.

Пери почина на 54-годишна возраст од „акутните ефекти“ на кетамин, моќниот седатив, меѓу другите фактори кои предизвикале да ја изгуби свеста и се удавил во кадата минатиот октомври, откри обдукцијата. Медицинскиот вештак на округот Лос Анџелес заклучил тогаш дека Пери умрел од случајно предозирање и давење и дека не постои сомневање за кривично дело.

Детективите и федералните агенти од Лос Анџелес со месеци истражуваа како Пери го набавил лекот на рецепт. Обвинителите ќе го објават обвинението подоцна во текот на денот, објави NBC News.