Министерот за здравство д-р Венко Филипче денеска оствари средба со Младен Чадиковски претседател на Здружението на новинари на Македонија (ЗНМ) и Драган Секуловски извршниот директор и Тамара Грнчароска и Павле Беловски членови на Извршниот одбор на Самостојниот синдикат на новинари и медиумските работници (ССНМ).
На средбата се разговараше за важноста новинарите да бидат дел од приоритетните групи за вакцинација против ковид-19 поради природата на нивната работа и големиот ризик на изложеност на овој вирус.
– Министерот Филипче на средбата информираше дека согласно Националниот план за ковид-19 вакцинација, новинарите и медиумските работници веќе се опфатени во втората фаза за имунизација и спаѓаат во делот на категоријата граѓани од витални институции за функционирање на државата, што значи дека новинарите и медиумските работници ќе се вакцинираат веднаш после завршување со вакцинирање на групите кои се предвидени во првата фаза, а за кои вакцинацијата започна вчера и е во тек – стои во соопштението од министерство за здравство.
Вакцинацијата за новинарите и медиумските работници од радиодифузерите, печатените и он-лајн медиумите, на целата територија на државата, ќе биде доброволна.
– Изготвувањето на списоците на заинтересираните вработени во медиумите за вакцинирање ќе треба да бидат поднесени од секој медиум поединечно, во соработка со ЗНМ, ССНМ и Министерството за здравство. Терминот за вакцинирање на пријавените во медиумите ќе се утврдува согласно протоколите за имунизација на Министерството за здравство, а детали околу постапката за пријавување ќе следи во текот на следните две недели – додаваат од МЗ.