Во вторник пресудата за можноста за жалба на екстрадицијата на Асанж во САД

Високиот суд во Лондон во вторник ќе одлучи дали Австралиецот Џулијан Асанж, основачот на разобличувачкиот интернет ресурс WikiLeaks, ќе може да се жали на одлуката за негова екстрадиција во САД.

Американските обвинители го бараат 52-годишниот Асанж по обвиненијата поврзани со објавувањето на огромни количeства доверливи американски воени досиеја и дипломатска кореспонденција кои му предизвикаа големи непријатности на Вашингтон, особено во односите со сојузниците, од страна на WikiLeaks.

Американските обвинители тврдат дека нивното објавување наводно ги загрозило животите на американските агенти и дека „нема оправдување за неговото злосторство“.

Поддржувачите на Асанж го поздравуваат како новинарски херој, чие кривично гонење е политички мотивирано, односно се прогонува за разоткривање на американските воени злосторства на боиштата посебно на Блискиот исток. Но, исто така, илјадниците тајни дипломатски преписки открија како Вашигнтон ги исмева и омаловажува политичарите од другите земји во светот.

На дводневното рочиште минатиот месец, неговите адвокати побараа дозвола да поднесат жалба против одлуката на Британија да го екстрадира.

„Тоа е тоа. ОДЛУКА УТРЕ“, напиша неговата сопруга Стела на социјалната платформа Х.