Во живо ќе се следат и регионалните телевизии

фото: МИА

Преку проектот за мониторинг на регионалните ТВ, освен националните телевизии и радија ќе се мониторираат и регионалните телевизии во државата.Ова ќе овозможи подобро спроведување на мониторингот за изборите и тековното функционирање на Агенцијата за аудио и аудио визуелни услуги  во спроведувањето на Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги.

„ Со спроведување на проектот за мониторинг на регионалните телевизии истите ќе добијат еднаков третман како и националните. Од денеска регионалните телевизии ќе бидат под постојан мониторинг со што ќе се овозможи полесно спроведување, односно почитување на Изборниот законик, Законите за медиуми и Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги.Исто така ќе се намали и бројот на надворешни соработници за време на изборите што ќе значи и финансиска заштеда за Агенцијата,“ изјави директорот на Агенцијата за аудио и аудио визуелни услуги, Зоран Трајчевски.

Според министерот Иво Ивановски, денешниот настан е логички след на Агенцијата и на операторот ОНЕ кој ја воведе дигатилизацијата.

„Со воведување на дигиталниот сигнал направивме голем исчекор во професионализација на медиумите и подигнување на медиумските стандарди.Дигитализацијата овозможи нови работни места, иновации, понуда на нови содржини.Се воспостави стандард во медиумската работа.По осум месеци од дигитализацијата, напредокот е очигледен.Пстигнуваме континуиран напредок во исполнувањето на стандардите и препораките на ЕУ.Со успешното спроведување на Законот за медиуми и Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги ќе се придонесе за пораст на еБДП,“ изјави Ивановски.

Од 65 телевизии во Македонија (национални, регионални и локални), Агенцијата за аудио и аудио визуелни услуги следи 40 или 67 отсто од вкупниот број на телевизии. Во однос пак на гледноста на телевизиите се следат 90 отсто од телевизиите кои се најгледани.

Главниот извршен директор на ОНЕ, Цирил Кафол изјави дека операторот прв ја извршил дигитализацијата, а подготовката за мониторинг на регионалните телевизии ги направиле во рекордно време.

„Се работи за модерна платформа која што ќе овозможи да се спроведе законот. Заеднички градиме едно подобро информатичко општество,“ изјави Кафол.