Водач на кениски култ обвинет за убиство на 191 дете

Водачот на кенискиот култ Пол Мекензи и 29 негови соработници во вторникот беа обвинети за убиство на 191 дете, чии тела беа пронајдени меѓу повеќе од 400 човечки останки закопани во шума.

Сите обвинети ги негираа обвиненијата изведени пред судот во крајбрежниот град Малинди. Утврдено е дека еден осомничен е ментално неспособен за да му се суди.

Обвинителите велат дека Мекензи им наредил на своите следбеници да се изгладнуваат себеси и нивните деца до смрт за да можат да одат во рајот пред крајот на светот.

Мекензи беше уапсен ланскиот април, откако тело беше откриено во шумата Шакахола, каде потоа беа ексхумирани повеќе од 400 тела. Тој веќе е обвинет за злосторства поврзани со тероризам, убиство од небрежност и тортура.

Имаше различни обвиненија поднесени до различни судови во врска со убиствата.

Полицијата во април 2023 година спаси 15 следбеници на Меѓународната црква на радосната вест (Good News International Church), на коишто им било кажано да се изгладнуваат до смрт за да се сретнат со Бога. Тогаш четири лица починаа пред да бидат донесени во болница.

Водачот на сектата Пол Мекензи Нтенге тогаш беше уапсен по информациите за појава на плитки гробови во кои првично беше откриено 31 тело на негови следбеници. Локалните медиуми, повикувајќи се на полициски извори, објавија дека Мекензи во полицискиот притвор одбил да зема храна и течности. Според медиумите, Мекензи Нтенге бил уапсен претходни и ланскиот март, откако две деца починале од глад, но потоа бил пуштен на слобода со кауција.