Водечките демократи, вклучително и водачот на демократскот мнозинство во американскиот Сенат, Чак Шумер и поранешната претседателка на Претставничкиот дом, Ненси Пелоси, го зголемија притисокот врз претседателот Џо Бајден да се повлече од кампањата за реизбор поради загриженоста дека не може да го победи републиканскиот противкандидат Доналд Трамп, објавија американските медиуми во средата.
Шумер му рекол на Бајден на состанокот во саботата дека ќе биде подобро за земјата и за Демократската партија ако тој ја прекине кампањата за реизбор, објави ABC News. Според телевизиската мрежа приватната средба се одржала во домот на Бајден во Рехобот, во сојузната држава Делавер. „Седнав со претседателот Бајден попладнево во Делавер; имавме добар состанок“, рекол Шумер во изјавата дадена во саботата.
Кабинетот на Шумер одговорил за Reuters на извештајот за неговата средба со претседателот со соопштение во кое го нарече „празни нагаѓања“ и навеле дека Шумер „ги пренел ставовите на неговата пратеничка група директно на претседателот Бајден во саботата“.
Лидерот на Демократската партија во Претставничкиот дом на САД, Хаким Џефрис, изразил слични ставови директно на Бајден, објави во истиот прилог ABC News, цитирајќи извор запознаен со разговорот.
Кабинетот на Џефрис не одговорил веднаш на барањето за коментар од Reuters.
„Претседателот им кажа на двајцата лидери дека е кандидат на партијата, дека планира да победи и со нетрпение очекува да работи со двајцата за да ја помине неговата 100-дневна агенда за да им помогне на работните семејства“, рече портпаролот на Белата куќа Ендрју Бејтс во соопштението.
Телевизијата CNN во средата објави дека Пелоси, исто така, му рекла на Бајден дека анкетите покажуваат дека не може да го победи Трамп и дека претседателот може да ги уништи шансите на демократите да ја вратат контролата врз Претставничкиот дом. Пелоси разговарала за тоа со Бајден во неодамнешниот телефонски разговор, објави CNN цитирајќи четири извори информирани за повикот. Ниту еден од изворите не посочил дека Пелоси му рекла на Бајден дека треба да ја напушти трката, објави CNN.
Бајден одговори со тоа што ѝ кажал на Пелоси дека видел анкети кои покажуваат дека може да победи, според еден од соговорниците на телевизијата. Портпаролот на Пелоси изјави за CNN дека Пелоси не разговаралa со Бајден од петокот.
Претходно во средата, демократскиот прaтеник Адам Шиф стана 20-от конгресен демократ кој јавно го повика Бајден да се откаже од трката.
Бајден постојано ги отфрла повиците на демократите да се откаже од трката по неговото запирање на настапот во дебатата минатиот месец против републиканскиот претседателски кандидат Доналд Трамп.