Водата во Скопје не поскапува

Скопското јавно претпријатие „Водовод и канализација“ сè уште не може да ја утврди цената на водата што треба да се применува од 1 јануари 2018 година поради истекување на мандатот на членовите на Управниот одбор на претпријатието.

– Поради завршување на мандатот на членовите на Управниот Одбор на ЈП Водовод и канализација – Скопје, а со оглед на тоа дека, сè уште, не се назначени нови членови, постапката околу предлогот за цената на водата, сè уште, не е завршена – информираат од ова јавно претпријатие.

Појаснуваат дека во моментот кога ќе се назначат новите членови, постапката ќе може да продолжи.

– Сè додека тоа не се случи, не можеме да дадеме точна информација, во која насока би се движела цената на водата – истакнуваат од претпријатието.

Членовите на Управниот Одбор на ЈП „Водовод и канализација“ – Скопје одлучуваат по предлогот на Регулаторната комисија и нивната одлука ја доставуваат до Советот на Градот Скопје.

 

Градот Скопје до 1 јанаури 2018 година треба да ги утврдат новите цени на водата врз основа на тарифата што ја определи Регулаторната комисија за енергетика.

Според предлогот на РКЕ цената на водата за жителите во Скопје треба да се движи помеѓу 30,54 и 34,80 денари. Просечаната тарифа за градот Скопје изнесува 32,68 денари за метар кубен потрошена вода. Сегашната просечна цена изнесува 31,39 денари. На ова се додава и новата давачка што скопјани ќе ја плаќаат од наредната година за прочистување на отпадни води што според предлогот на РКЕ изнесува 2,04 денари по метар кубен.

Како што посочи Петров, ЈП „Водовод и канализација“ побарало намалување на цената за 1,82 проценти, а Регулаторната комисија со решението утврдило намалување на цената за 2,68 проценти согласно минималната тарифа.

Цената на водата во Скопје во 2018 година ќе се намали сè додека не се воведе тарифата за прочистување на водата.

МИА