
Граѓаните на Струмица се соочени со сериозен проблем со квалитетот на водата за пиење. Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) донесе решение со кое ја забрани употребата на водата од градскиот водовод поради утврдено зголемено присуство на манган и колиформни бактерии.
Според резултатите од лабораториските анализи, водата во струмичкиот водоснабдителен систем не ги задоволува стандардите за безбедност и не е погодна за консумирање. Оваа одлука е донесена врз основа на известувањата од јавното претпријатие „Комуналец“ и Центарот за јавно здравје – Струмица.
Јавното претпријатие „Комуналец“ е обврзано да ги информира сите граѓани за оваа ситуација и да обезбеди алтернативни извори на питка вода додека проблемот не се реши.