Резултатите од испитувањата на водата за пиење покажаа дека водата во населените места Голема Речица и Порој одговара на прописите за безбедност на вода, односно е безбедна за пиење, со задолжително продолжување на континуираните мерки за одржување на ова ниво на безбедност и воведување континуирана дезинфекција и хлорирање, информираат од Министерсвото за здравство.
Исто така, во Тетово, Лешок и Непроштено, водата е безбедна за пиење, додека во останатите рурални подрачја зафатени со поплавите, водата е неисправна и забранета за пиење.
Според препораките од Центарот за јавно здравје–Тетово, во сите населени места во овој регион потребно е да се изврши механичко чистење и дезинфекција на сите резервоари и каптажи, како и да се воведе континуирана автоматска дезинфекција или рачна дезинфекција од овластени стручни лица. Воедно, препорачано е да се оградат и соодветно означат заштитните зони околу резервоарите за вода и каптажите.
Препораки за заштита на населението
Во населените места во овој регион континуирано се дистрибуираат едукативни флаери со препораки за заштита на здравјето на населението, а во продолжение потсетуваме на дел од препораките:
– Користење пакувана, превриена или дезинфицирана вода за пиење, за миење на забите, миење и подготовка на сирова храна, како и за миење на садовите.
– Водата да се преврива така што садот со вода се става на шпорет да зоврие (10 минути), потоа се отстранува и се остава да се олади, а притоа во водата не треба да се става мраз.
– Се препорачува миење на рацете со сапун после чистење, пред подготовка на храната, пред јадење, после доаѓање во допир со детски измет и после одење во тоалет.
– Не треба да се користи храна која била во допир со вода од поплавите.
– Не треба да се јаде храна која била во фрижидер или замрзнувач, ако струјата е исклучена. – Сварена храна и намирници кои можат да се расипат, задолжително да се чуваат во фрижидер (пожелно е да се чуваат на температури под 5 степени Целзиусови).
– Секоја храна мора да биде добро термички обработена (приготвена на температура повисока од 70 степени Целзиусови).
– Зготвена храна да не се остава подолго од 2 часа на собна температура. Во случај на појава на послаби симптоми на гадење, повраќање, дијареа, односно симптоми слични на грип, висока температура, главоболки, кашлица или вртоглавица, како и при каснување од некое животно, и сл., лицата треба веднаш да се обратат кај матичен лекар или во дежурна служба.