Голем помор на риби кај производителите на крап, се случува во моментот на Тиквешко езеро, а почнувајќи од утринските часови во текот на вчерашниот ден и се` уште трае.
Во моментот на удар се две помеѓу најголемите компании производители на крап во кафезен систем, „Златен крап“ и “Дошница“.
-Целото производство од преку 120 тона ни е загрозено. Настојуваме на секаков начин да интервенираме, вклучително и со додавање на вештачки кислород во водата како би ја спречиле оваа катастрофа, но развојот на ситуацијата е се уште неповолен, велат од „Златен Крап“.
Забележително е катастрофално ниското ниво на акумулацијата во изминатиот период и нејзиното интензивно празнење, кое трае и во моментот. Измереното ниво на кислород во водата е спуштено на алармантни 2 мг/л.
-Ова е за повеќе од половина од вообичаено присутниот кислород (4 до 5 мг/л) во нашите води, а кој е неопходен за опстојување и добра кондиција на рибата, велат засегнатите.
И покрај тоа што позицијата на рибниците е точно над поранешното течение на Црна Река, овој помор до моментот се случува само во овој дел. До сега не е забележан помор на другите рибници, но ризикот секако постои, особено што пред неколку години истиот проблем се појави кај целата акумулација и тогаш беше уништено речиси 60-70% од производството на сите производители.
Со случајот се запознати челниците на Владата и Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство. Уште во текот на вчерашниот ден, направен е увид од Ветеринарен инспектор, земени се мостри од водата од страна на ИЈЗ Кавадарци, а однесени се мостри од водата и примероци од угината риба во Агенцијата за храна и ветеринарство во Скопје на дополнителни анализи и испитувања. Заедно со овие наоди, случајот ќе биде пријавен и во Министерството за внатрешни работи.