Водечките производители на нафта планираат дополнително да ја намалат понудата на почетокот на 2024-та

Организацијата на земјите извознички на нафта (OPEC) и нејзините сојузници независни големи производители предводени од Русија одлучија дополнително да ја намалат понудата во првите месеци од следната година, за нешто помалку од еден милион барели дневно, и го поканија Бразил да стане членка на групата.

Саудиска Арабија, Русија и другите членки на групата OPEC+ произведуваат повеќе од 40 отсто од светската нафта, а во четвртокот одржаа виртуелен состанок за да ја одредат производната политика во 2024 година. Групацијата земји разговараше за производството во услови на проценки дека пазарот би можел да забележи суфицит на понудата во 2024 година и истекот на мерката за намалување на понудата од милион барели дневно на Саудиска Арабија во декември.

Во OPEC+ моментално се произведуваат околу 43 милиони барели нафта дневно, што значи дека, според сегашниот договор, го намалиле производството за околу пет милиони барели дневно за да ги поддржи цените и да го стабилизира пазарот .

Во четвртокот тие се договорија осум производители да ја намалат понудата за уште 2,2 милиони барели дневно во првиот квартал следната година, се вели во соопштението објавено по состанокот. Бројката ги вклучува моменталните намалувања на снабдувањето од Саудиска Арабија и Русија во вкупно количество од 1,3 милиони барели дневно.

Русија веќе го намали снабдувањето со гориво за 200.000 барели дневно, а тоа количество ќе биде одбиено од планираната програма и вкупно ќе изнесува 500.000 барели. Остатокот од 700.000 барели дневно ќе биде распределен меѓу другите шест членки на групата.

Обединетите Арапски Емирати соопштија дека ќе го намалат производството за 163.000 барели дневно, а Ирак најави дека ќе испорачува 220.000 барели дневно помалку на пазарот во првиот квартал следната година.

Саудиска Арабија, Русија, Обединетите Арапски Емирати, Ирак, Кувајт, Казахстан и Алжир се меѓу групата производители кои постепено ќе почнат да го „зголемуваат“ производството по првиот квартал, доколку пазарните услови тоа го дозволат.

Во четвртокот OPEC+ го покани Бразил кој претходно изрази интерес а припаѓа на групата 10 најголеми производители на нафта во светот, да стане членка. Брзаилскиот министер за енергетика рече дека се надева дека ќе се приклучи на групата во јануари.