Во првиот натпревар од 17-то коло на италијанското фудбалско првенство, Удинезе како гостин го изненади водечкиот Интер и славеше со 3:1 (1:1) на миланскиот стадион „Сан Сиро“, а овој кикс го искористи Наполи кој на гостувањето кај Торино беше убедлив со 3:1 (3:0).
Гостите поведоа во 14 минута со голот на Ласања, но само две минути подоцна изедначи Икарди. Меѓутоа, второто полувреме донесе големо изненадување. Со погодоците на Де Паоло вод белата точка во 61 минута и на Барака во 77 минута, Удинесе ја оствари својата трета гостинска победа оваа сезона.
Киксот на Интер веднаш го искористи Наполи кој против Торино поведе веќе во 4 минута со погодокот на Кулибали. Во 25 минута зголеми Зјелински, а само пет минути подоцна словачкиот репрезентативец Марек Хамшик постигна гол за 3:0, а Торино го ублажи поразот во 63 минута преку Белоти. За словачкиот интеренационалец ова беше 115-от гол во 11 години колку што игра за Наполи, со што на листата најдобри клупски стрелци се изедначи со легендарниот Аргентинец Диего Марадона, кој постигна ист број голови но во седум години колку што мина во дресот на Наполи.
Наполи со 42 бода го презема водството, а Интер е втор до 40 бодови. Екипата од Милано може да биде надмината и од актуелниот шампион Јувентус кој има 38 бодови и во недела гостува во Болоња.