Во наредниот период Европскиот парламент треба да усвои две директиви, дискутирани со министрите на ЕУ, со цел да се промовира широката употреба на водородот и обновливите гасови во Европа.
ЕУ е посветена да стане првиот климатски неутрален континент до 2050 година, со амбициозни цели поставени според Европскиот закон за климата за намалување на емисиите на стакленички гасови за најмалку 55% до 2030 година. Сепак, оваа амбициозна цел бара сеопфатна трансформација на енергетскиот сектор на ЕУ, фокусирајќи се на намалување на зависноста од фосилни горива и зголемување на употребата на обновливи извори на енергија, истовремено обезбедувајќи континуитет на снабдувањето со енергија по разумни цени за целото општество.
Во моментов, природниот гас доминира во енергетската потрошувачката на ЕУ, но има стратешки промени кон обновливите извори на енергија и гасовите со ниска содржина на јаглерод како што се биогасот, биометанот и синтетичкиот метан, кои се очекува да заземат значително учество во идниот енергетски микс до 2050 година.
Водородот ќе има клучна улога во оваа транзиција, особено во области каде електрификацијата е помалку веројатно да се оствари, како што се одредени индустриски и транспортни сектори. Развојот на посветена водородна инфраструктура е од клучно значење за декарбонизацијата на овие сектори, зајакнување на флексибилноста на електроенергетскиот систем и обезбедување на енергетската сигурност.
За да се реализира оваа транзиција, ЕУ се справува со регулаторни пречки и се стреми да создаде погодна средина за обновливи извори на енергија и гасови со ниска содржина на јаглерод, со цел креирање на енергетски систем кој ќе биде инклузивен за потрошувачите и ќе нуди достапни, високи стандарди и технолошки напредни енергетски опции. Преминот кон енергетска инфраструктура фокусирана на водород, замената на природниот гас со обновливи извори е од витално значење за постигнување на целите на ЕУ за климатска неутралност, обезбедување на стабилноста на цените на енергијата како и поттикнување на одржлива и конкурентна иднина.
Двата легислативни предлози за преработка на двете постоечки директиви на ЕУ ја поставуваат основата за сеопфатна стратегија за декарбонизација на пазарот за гас и воспоставување на робусна економија на водородот во рамките на ЕУ.
Предлог текстот на директивата за гасниот пазар има за цел интеграција на обновливите гасови во енергетскиот систем, приоритизација на употребата на водород во индустриските сектори кои тешко може да се декарбонизираат и промоција на интеграцијата на енергетскиот систем. Понатаму директивата за ,,рбетот’’ на водородот ја истакнува потребата од развој на посветена водородна инфраструктура, потребата од стимулации за производство и потрошувачка на водород и важноста од воспоставување на канали за соработка помеѓу засегнатите страни.
Законодавните иницијативи за гласање во текот на изминатата недела добија форма со одлучувачки притисок од страна на Германија и Холандија, кои отсекогаш биле водечките земји – промотори на употребата на водородот. За Германија, тоа е решение за спас на нејзината автомобилска индустрија: Берлин го поддржува проектот за производство на синтетички метан за да не мора да ги напушти моторите со внатрешно согорување. Очигледно станува збор за предвидливост бидејќи транспортниот сектор може да биде слабата низа во стратегијата за целосна електрификација на континентот ако се земат во предвид ограничените ресурси на суровините потребни за производство на автомобилски батерии и останатите електрични уреди.
Европа до крајот на 2022 година направи значителен напредок во секторот за производство на водород, со 476 оперативни капацитети кои генерираат приближно 11,30 милиони тони. За нас како држава која развива нов преносен и дистрибутивен гасоводен систем, интересен е фактот дека речиси 1569км од новоизградената дистрибутивна мрежа во границите на европската унија е наменета за пренос на водородот како гориво.
Видно од стратешките документи во делот на енергетиката, во нашата држава по однос на ова прашање нема ниту конкретна концептуална детерминираност ниту пак политичка перцепција за значајната улога на водородот во енергетската транзиција на државата и декарбонизацијата на гасниот сектор.
Сепак визионерскиот сегмент на инженерскиот кортекс во државата ја предвести златната доба на водородот на една енергетска трибина одржана во просториите на МАНУ уште во 2015 година(почитуваниот Проф.М.Серафимов).
Инженерската и останатата стручна фела која се занимава со развојот на гасоводниот систем во Република Македонија ја увиде потребата од препознавање на водородот како нов ,,енергетски бренд’’ во процесот на декарбонизација на енергетскиот сектор во државата поради што истиот го интегрира во Физбилити студијата за развој на дистрибутивната мрежа во државата уште во 2020година.
Во наредниот период се премина на иновативно ,,future proof’’ решение со новиот гасен интерконектор за поврзување на државата со Грција, кој беше технолошки дизајниран да се користи за истовремен транспорт на природен гас и 100% водород. Со почетокот на неговата изградба годинава ќе се стави камен темелник на развојот на водородната инфраструктура прва од ваков тип во државата и регионот зашто беше обезбедена и финансика подршка(20% грант) од страна на европските развојни банки во рамки на регионалните ИПА механизми.
Сето ова се случува во еден временски период кога во блиското соседство се пронајдени природни резерви за експолатација на водород, но и на зголемен интерес на компании за трговија со водород од странство.
Дури и индустријата која се занимава со производството на политеиленски гасни цевки во југоисточниот дел на државава не остана имуна на предизвиците кои ги носи употребата на водородот како гориво, така што ја адаптира својата технологијата на производство на цевки со цел навремено да одговори на потребите на водородната индустрија.
Во натамошниот период потребно е новото Министерство за енергетика институционално да го започне процесот на хармонизација на националното законодавство со правото на ЕУ (acquis communautaire) во делот на директивите за водород како и интегрирање на европскиот концепт за водородот како транзиционо гориво во македонските стратешки документи и политики од страна на соодветни стручни лица со познавања по техничката проблематика..
Со примената на водородот може да се надмине и ќорсокакот во кој се најде македонскиот енергетски систем поради прекумерната интеграција на ОИЕ во услови кога не постои соодветна преносна инфраструктура за електрична енергија ниту пак капацитети за складирање на вишокот произведена електрична енергија. Ова го говорам од аспект на моменталната ситуација во која се најдоа домашните производители на електрична енергија од ОИЕ кои се соочуваат со непрофитабилни дневни продажни цени на електрична енергија на слободниот пазар, со што се става под знак прашање нивното понатамошно ликвидно работење и тоа во услови кога се изградени само 30% од потребните капацитети за ОИЕ предвидени со Стратегијата за развој на енергетиката до 2040година. Оттука потенцијалот на водородот се протега и надвор од автомобилската индустрија, во зголемување на флексибилноста на електричниот сектор преку ,,P-2-Х’’ технологии, односно во апликации за складирање на енергија, во индустријата и греењето, создавајќи повеќеслоен пристап кон процесот на декарбонизација.
За водородот да го ослободи целиот свој потенцијал мора да се решат неколку предизвици, како што е зголемување на производството на водород од обновливи извори преку развој на иновативни технологии, намалување на трошоците за негово производство и проширување на инфраструктурата за транспорт и полнење на водород. Дополнително е потребно инклузија од страна на потрошувачите, усогласени стимуланси и континуирана иновација во електричните и во водородните технологии.
Автор: дипл.маш.инж Горан Николовски, експерт за гас, ЕУРЕМ и УНИДО европски енергетски менаџер за НетПрес