Ситуацијата во Белград е стабилна и под контрола, изјавил денеска претседателот на Советот на Град Белград, Никола Никодијевиќ.
Никодијевиќ посочил дека во следните 48 часa се очекува пораст на водостојот на реката Дунав, но тоа не би требало да ги загрози насипите поставени долж брегот во Земун.
Сава во текот на ноќтта била во блага стагнација и забележан е пораст на нејзиниот водостој од само неколку сантиметри.
„Чекаме да видиме како врвот на поплавниот бран ќе помине низ Белград, колку ќе го успори текот на Сава и нејзиното влевање во Дунав и како тоа ќе се одрази на порастот на водостојот на Сава. Ова ситуација ќе се следи следните 48 часа“, посочил Никодијевиќ.
Во Обреновац каде што водата се’ уште не е повлечена од сите делови, приоритет е што побрзу да се овозможи враќање на луѓето и нормален живот, па поради тоа се врши асанација на теренот, дезинфекција и дезинсекција.
Голем дел од загинатиот добиток е тргнат, и во овој момент е дозволено само враќање на машки работоспособни лица. Струјата доаѓа во одредени делови, а уште неколку дена ќе се отстрануваат дефекти и на водоводниот сиситем.
„Белград има околу 1.000 регистрирани свлечишта, кои помалку или повеќе се активни, а речиси една деценија ништо не е вложувано во нивна санација“, вели Никодијевиќ.