„Водовод“ ќе ја намалува загубата на вода со пломбирање на водомерите

Со цел намалување на загубите на вода, а воедно и зголемување на нискиот процент на наплата што во моментот е нешто повеќе од 50 отсто, ЈП „Водовод и канализација“ почна да поставува пломби на водомерите.

Со ова, како што велат од претпријатието, ќе се оневозможи и евентуалната манипулација со водомерите и злоупотребата на водата за пиење, која несовесните граѓани особено во летниот период ја користат за наводнување на земјоделски површини, полевање на тревници и бавчи, за миење автомобили, дворови, улици…

„За оваа цел набавени се 60.000 пломби кои ќе бидат поставени на водомерите. Вкупната вредност на набавените пломби изнесува околу 1.7 милиони денари. Акцијата почна изминатата недела и досега се монтирани околу 50 пломби кај правни лица и тоа во различни делови од градот, како што се Визбегово, Трубарево, Моране, Драчево, Студеничани, Сингелиќ, Центар и Кисела Вода. Поставувањето на пломбите на водомерите се врши со покажување на налог и со легитимирање“, велат од ЈП „Водовод и канализација“.

Скопјани, во просек во летниот период трошат од 500 до 550 литри вода на ден, што е двојно повеќе во споредба со повеќето европски метрополи. Но, сепак, од водоводното претпријатие, во неколку наврати посочија дека скопјани нема да почувствуваат недостиг на вода, ниту пак ќе се воведат рестрикции бидејќи рашчанскиот извор во целост ги задоволува потребите на граѓаните.

Скопјани ќе почекаат за далечински водомери 

vodomer

Замената на стари водомери со нови со далечинско отчитување, проект што енузијастички се најавуваше уште од 2009 година, засега е ставен на „стенд бај“ по кратката акција во која се монтираа околу 5.000 нови водомери во  населбите Лисиче, Аеродром, Бутел и Чаир. Од „Водовод“ велат дека замената ќе продолжи, но засега нема конкретни информаии кога ќе се објави нов тендер за набавка на вакви водомери. Предвидено е со тек на време да бидат заменети вкупно 225.000 водомери низ градот.

Со новите водомери,  граѓаните треба да добијат поредовно и попрецизно отчитување на состојбата на потрошената вода, без притоа да се нарушува нивната приватност. На веќе постојните водомери се инсталира посебен дел за далечинско обработување на повеќе информации, сето тоа ќе биде на сметка на претпријатието. На тој начин инкасаторите од 100 до 200 метри раздалеченост од домовите ќе можат да изготвуваат точни сметки, а притоа ќе детектираат разни аномалии, дефекти во инсталацијата поради истекување, како и злоупотреба од корисниците.