Водовод во Ботун, колекторски систем во Мешеишта, училиште во Требеништа

Претседателот на Владата, Никола Груевски денес имаше богата агенда во Охрид и Дебарца. Тој го пушти во употреба реконструираниот водовод во Ботун, инвестиција од 3,5 милиони денари.

Покрај целосно реконструираниот водовод, ископани се и два нови извори.

Со тоа целосно се надмина проблемот со зачестените дефекти и недостатоци на вода, што беше честа појава во изминатите години, посебно во летниот период, истакна Груевски.

Колекторски систем во Мешеишта

Во рамките на посетата во oхридскиот регион, го означи и почетокот на изградба на колекторски систем во селото Мешеишта, во општина Дебарца.

Изградбата на колекторот за отпадни води претставува инвестиција вредна околу 250.000 евра. Претходно, рече премиерот, била изградена нова канализациска мрежа во должина од осум километри во Мешеишта.

kolektorКолекторот ќе ги прифаќа отпадните води од канализацијата од Мешеишта, како и отпадните води од Требеништа, Волино и Горенци чии канализациски мрежи ќе се градат во наредниот период. Со тоа правиме голем чекор напред кон обезбедување поквалитетен начин на живеење и постепено напуштање на септичките јами, кои ја загадуваат природата и подземните води во овие краишта, нагласи Груевски.

Државниот секретар во Министерството за транспорт и врски Божидар Петревски посочи дека изградбата на регионален колектор за одведување на отпадните води во селото Мешеишта е во должина од 8.400 метри и ќе биде поврзан со канализацискиот систем.

Со овој проект нашето ветување и нашата примарна цел е да ги заштитиме водите на Охридското Езеро, согласно одредбите на УНЕСКО, рече Петревски потсетувајќи на реализираните инфраструктурни проекти во општината Дебарца.

Поздравувајќи го отпочнувањето на изградбата на колекторскиот систем во Мешеишта градоначалникот на Дебарца Игор Трајковски, потсети дека се исполнува уште едно предизборно ветување. Тој нагласи дека со реализацијата на проектот ќе се реши проблемот со одведување на отпадните води од домаќинствата и заштита на животната средина.

Реконструирано училиште во Требеништа

Премиерот го посети и реконструираното подрачно училишта во селото Требеништа. Со реконструкцијата, обновена е фасадата, заменети се прозорците и поставен е нов под.

tПред неколку години преку Министерството за образование помогнавме и за замена на кровот во ова училиште, општината и градоначалникот помогнаа за изградба на салата во кругот на училиштето, така што може да се каже дека со заеднички сили правиме големи чекори напред за подобрување на условите за наставата за учениците од овој регион, истакна Груевски, нагласувајќи дека Владата ќе продолжи со реализација на ветените проекти.

 

 

При посетата на охридскиот регион премиерот учествуваше и на пуштањето во употреба на новиот кружен тек во Охрид.