Воена парада во Солун со учество на германските тенкови Мардер и француските воени авони Рафал

Во присуство на грчката претседателка Катерина Сакеларопулу, на потпретседателот на ЕК Маргаритис Схинас, на министерот за одбрана, претставници на локалната власт и на партиите, на американскиот амбасадор, како и илјадници граѓани, во Солун се одржа традиционалната воена парада по повод националниот празник, денот „Охи“ (Не), односно негативниот одговор на Грција на ултиматумот од Италија во 1940 година, парада која по пауза од две години се одржа без никакви ограничувања, јави дописничката на МИА од Атина.

На воената парада првпат учествуваа и француските воени авиони Рафал, како и оклопните возила Мардер кои неодамна пристигнаа во Грција, а земјата ги доби од Германија, во замена, откако старите тенкови од типот БМП-1ги испрати во Украина.

Паралелно со парадирањето на припадниците на армијата, на небото во Солун, освен четирите од вкупно 24 Рафал кои Грција ги купи од Франција, прелетаа и воени хеликоптери, како и воени Ф-16, Ф-4, но и легендарниот авион Спитфајр.

Особено впечатливи беа маневрите на пилотот на Ф-16 на крајот од парадата, кој воедно испрати и порака до Грците за националниот празник.

Денешната воена парада беше прва по 2019 година што се одржа под нормални услови, без никакви ограничувања за пандемијата, со оглед на тоа дека во 2020 година беше откажана, а лани беше под специјални Ковид мерки.

Токму затоа беше огромна присутноста на граѓаните, а парадата беше со продолжено времетраење од над два часа.

Во Атина и во останатите грчки градови се одржаа паради на учениците, а во село на островот Наксос, како и на малиот остров Матраки, парадираше само по еден ученик, единствениот во училиштето.