Војниците немаат вода за пиење, ама маршираме кон НАТО

Професионалните војнци на АРМ немаат вода за пиење, јадат еднообразна храна, а некаде мораат да ја преваруваат водата за да готват оти водата е загадена со бактерии.

Ваква е состојбата во македонската армија додека трае кампањата за референдумот, од чиј исход меѓудругото зависи и приемот на Македонија во НАТО, а припадниците на АРМ кубурат со основни средства за работа.

Според документи до кои дојде Нетпрес, до Министерството за одбрана се стигнати доверливи документи за логистичките проблеми и неисправности со кои се среќаваат војниците на АРМ во изинатиов период, а кои влијаат на способноста на командите и единиците.

Во извештајот е наведено дека од 15.03.2018 не се издава флаширана вода за пиење на стражарската и внатрешната служба. Врз основа на наредбата од ЗОК од 12.03 2018 регулирано е единиците да преземаат мерки и активности за самостојно снабдување со вода за пиење на персоналот каде истата е неисправна.

Од 26.04 2018 нема вода за пиење во касарната „НХ Страшо Пинџур“, поради прочистување на цистерните за вода од страна на ВМЦ Скопје и артиклите за исхрана се при крај.

Во касарната „Јане Сандански“ Штип храната се готви со превривање на водата бидејќи истата содржи бактерија ешерихија коли и други полиформни бактерии.

Хидрантските мрежи на ИО„Еребино“, „Криви Дол“ и „Дренов Дол“ не се во функција.

Освен со вода, единиците на АРМ се соочуваат и со недостиг на храна, иако оброците се подготвуваат со потребниот квалитет и квантитет според Правилникот за исхрана, но поради недостатокот на дел од артиклите се случува еднообразна подготовка за храна.

Има недостаток на голем број на прехранбени артикли (свинско, пилешко, јагнешко месо, месо од риба од лосос, месо од калифорниска пастрмка, чадени свински ребра, шеќер, овошен сок, колачи за ужина, колачи за десерт, млечно чоколадо, шпагети, кравјо сирење, топено сирење, концентрати за пилешка и за говедска супа, дафинов лист, цимет, овошни компоти, маслинки, зачини, флаширана вода како и СДО комплети), стои во извештајот.