Неделниот дерби натпревар од 18. коло во италијанската Серија А, пресметката помеѓу директните ривали за шампионската титула, Јувентус и Рома, заврши со убедлив триумф на „старата дама” од 3:0.
Освен по погодоците на Видал, Бонучи и Вучиниќ, дуелот во Торино ќе биде запаметен по грубата игра во вторите 45 минути и по двата црвени картони.
Патот кон соблекувалната прво му беше покажан на репрезентативецот на Италија, Даниеле де Роси, порди бруталниот старт врз Џорџо Киелини, а потоа и на бразилскиот интернационалец, Леандро Кастан.
И покрај негативата од минус осум бода, предводникот на „волчицата”, Руди Гарсија е убеден дека Рома и понатаму е во игра за популарното „скудето”.
„Во игра се уште 60 бода. Сепак, јас сум тука да кажам дека шампионската титула никогаш не беше приоритет за Рома. Ние имаме една зацртана цел, да се вратиме во Европа, да бидеме дел од Лигата на шампиони. Моментално сме втори и мора да бидеме задоволни од моменталната позиција на табелата”, изјави Гарсија.
Денеска ќе се одиграат преостанатите натпревари од 18. коло, а тимот на македонскиот интернационалец, Горан Пандев, Наполи, ќе се обиде да ја искористи предноста на домашниот терен во дуелот со секогаш незгодниот тим на Аталанта.
Најголема неизвесност и борба до последниот судиски свиреж се очекува на „Олимпико” каде Лацио ќе биде домаќин на Интер.
Резултати: Киево – Калјари 0:0, Фиорентина – Ливорно 1:0, Рома – Јувентус 3:0.
Денеска на програмата: Наполи – Сампдорија, Милан – Аталанта, Катанија – Болоња, Џенова – Сасуоло, Парма – Торино, Удинезе – Верона, Лацио – Интер.