Германскиот автомобилски гигант „Volkswagen“ официјално формираше заедничка компанија со седиште во САД со американскиот „Rivian“, зголемувајќи го финансискиот „влог“ на 5,8 милијарди долари за планираното проширување на производството на електрични возила.
На крајот од јуни германскиот автомобилски гигант „Volkswagen“ објави дека може да инвестира до пет милијарди долари во „Rivian“ во наредните години, обезбедувајќи си пристап до неговата технологија и за забрзување на развојот на софтверот.
Во почетната фаза VW ќе инвестира милијарда долари во „Rivian“, а до 2026 година сумата може да се искачи на пет милијарди долари доколку идното заедничко вложување ги постигне целните резултати, објавија од германскиот концерн на 26. јуни.
Потоа во јули германскиот регулатор за пазарна конкуентност ја одобри најавената инвестиција, а VW во вторникот ја зголеми сумата на 5,8 милијарди долари.
Германската компанија ќе издвои 3,5 милијарди долари за директен удел во „Rivian“, а останатите 2,3 милијарди ќе ги насочи во заеднички инвестиции, вклучително и милијарда долари резервирани за заем.
Партнерството ќе му овозможи на VW да започне со производство на првите модели засновани на технологијата за електрични автомобили на „Rivian“ од 2027 година, изјави извршниот директор на „VW Group“ Оливер Блуме на официјалното претставување на заедничкото вложување во Пало Алто, во Калифорнија.
Соработката ќе се фокусира на низа технологии, вклучувајќи софтверски системи, контролни компјутери и мрежна архитектура.
Платформата на „Rivian“ треба да му помогне на VW да ги реши софтверските проблеми коишто последните години го попречуваа развојот на новите модели.
Соработката ќе му обезбеди на „Rivian“, пак, клучен финансиски поттик бидејќи ќе ги намали загубите поради слабеењето на побарувачката за електрични возила во САД. Во третиот квартал испорачале околу десет илјади возила, но работеле со бруто загуба од 392 милиони долари. Нивните приходи потонале за 34,7 отсто, на 874 милиони долари.
Заедничкото вложување на VW и „Rivian“ треба да започне со работа во средата. Нејзиното седиште ќе биде во американскиот Пало Алто, со планирани локации и во Европа и во Северна Америка.
Во 2027 година, компанијата ќе започне со производство на „Volkswagen“, а потоа следат „Audi“, „Scout“, „Porsche“ и другите брендови, рече Блуме. Ќе ги произведува сите видови возила, од компактни автомобили до луксузни и спортски модели, што ќе гарантира голем обем на производство и помали трошоци. Сепак, технологијата на „Rivian“ е ограничена на електрични возила, забележува новинската агенција dpa.
„Rivian“ е основана во 2009 година и е специјализирана за големи теренци и пикап камиони, многу популарни категории возила во САД. Тие произведуваат и електрични возила за испораки за „Amazon“, кои сега влегуваат на европскиот пазар.