Германскиот автомобилски концерн „Volkswagen“ потврди дека планира да затвори најмалку три фабрики во Германија и да отпушти десетици илјади вработени, објави во понеделникот синдикалната филијала на VW во Волфсбург.
„Управата на Volkswagen сака да затвори најмалку три фабрики во Германија бидејќи тврди дека опстанокот на концернот е невозможен без овие мерки“, рече претседателката на работничкиот совет на „Volkswagen“, Даниела Кавало, пред собраните работници во главната фабрика на VW во Волфсбург, во северна Германија.
Таа објасни дека челниците на концернот, исто така, планираат да отпушти десетици илјади работници во сите погони во Германија. Иако не се споменува кои погони би можеле да бидат затворени, германските медиуми шпекулираат за затворање на фабриката во Оснабрик, каде што порано се наоѓала фабриката за каросерии „Karmann“.
Управата на „Wolkswagen“ одбила за Reuters да ги коментира јавните изјави на претставничката на работничкиот совет, но како и претходно соопшти дека VW е „на пресврт“ и дека ситуацијата е „сериозна“.
„Volkswagen“ веќе извесно време доживува финансиски падови, пред сѐ, поради слабата продажба на електрични автомобили. Стручните медиуми наведуваат дека електричните модели на VW се прескапи и застарени во споредба со кинеската конкуренција.
Менаџментот уште во септември најави мерки за повторно да го направи VW конкурентен. Од „Wolkswagen“ тогаш објавија дека концернот продава половина милион автомобили годишно помалку од потребното.
Групацијата „Volkswagen„ вработува околу 670.000 луѓе ширум светот, од кои 295.000 во Германија.