Володин: САД стојат зад апсењето на основачот на Телеграм, Павел Дуров

САД стојат зад апсењето на основачот и извршен директор на комуникациската платформа Телеграм, Павел Дуров, изјави денеска претседателот на руската државна дума Вјачеслав Володин.

Дуров, кој е роден во Русија и има двојно државјанство, беше уапсен во Франција за време на викендот како дел од истрагата за злосторства поврзани со детска порнографија, трговија со дрога и нелегални трансакции на Телеграм.

– САД, со посредство на Франција, се обидуваат да извршат контрола врз Телеграм – рече Володин, без да обезбеди докази за неговите тврдења.

– Телеграм е една од ретките, а во исто време и најголемите интернет-платформи кои не се контролирани од САД… Во пресрет на американските претседателски избори, важно е (претседателот Џо) Бајден да воспостави контрола врз Телеграм – се вели во соопштението на Володин.

Белата куќа не го коментираше апсењето на Дуров. Францускиот претседател Емануел Макрон рече дека апсењето не е политички мотивирано.

Кремљ вчера соопшти дека сè уште не е запознаен со официјалните француски обвиненија против Дуров.

Апликацијата за комуникација Телеграм со седиште во Дубаи има околу една милијарда корисници и е особено популарна во Русија, Украина и поранешните советски републики.