Володин: Зеленски провоцира голема војна, Русија ќе ги заштити своите граѓани доколку бидат загрозени

Русија не посакува никаква војна, но е подготвена да застане во одбрана на нејзините државјани и сонародници во самопрогласените Донецка и Луганска народни републики на истокот од Украина, доколку бидат загрозени нивните животи, порача во саботата доцна ноќта претседателот на руската Државна Дума, Вјачеслав Володин во заднината на зајакнувањето на гранатирањата во Донбас за што меѓусебно се обвинуваат Киев и милициите од источната украинска област доминатно населена со руско и рускојазично население.

„Русија војна не сака. За тоа многупати досега зборуваше нашиот претседател Владимир Путин а тоа го зборува и денес… Но доколку се јави закана за животите на државјаните на Руската Федерација и сонародниците кои живеат во Донецк и Луганск, нашата земја ќе застане во нивна заштита“, објави Володин на својот Telegram канал.

Огромното мнозинство население во источната украинска област Донбас се етнички Руси или рускојазични Украинци кои по превратот во Киев во 2014 година се побунија откако новите прозападни власти им наметнаа поставени а не избрани локални власти, го забранија рускиот јазик како службен а подоцна и ова население го прогласија за неавтохтоно. Многумина од нив изминатите години на постојана воена состојба го земаа и руското државјанство.

Володин предупредува и дека украинскиот претседател Владимир Зеленски провоцира почеток на голема војна. Оцени дека без странска поддршка, украинскиот челник тешко би се решил да преземе чекори кои би можеле да доведат до избувнување војна во центарот на Европа.

„Зеленски провоцира почеток на голема војна“, пишува спикерот на рускиот парламент и истакнува дека информациите кои доаѓаат од Донецк и од Луганск се „многу вознемирувачки“.

Претходно во петокот вечерта челниците на двете самопрогласени републики во Украина изјавија дека во Донецк и во Луганск дошло до силни експлозии кои тие ги припишуваат на наводни диверзии од страна на украинските сили. Исто така, објавија дека поради гранатирања од позициите кои ги држи украинската војска наредиле евакуација на повеќе од 700.000 цивили во соседната руска Ростовска област. Предупредија и дека забележале придвижувања на трупите под контрола на Киев кои навестуваат многу множно офанзивно настапување.

„Гранатирањето цивили, заканата со почеток на сеопфатни воени дејствија доведе до евакуација на жителите на Донбас“ додава Володин… „Без поддршка однадвор, претседателот на Украина Владимир Зеленски тешко дека би се решил да преземе чекори кои би можеле да доведат до избувнување војна во центарот на Европа“, истакнува Володин.

Првиот руски парламанетарец истакнува дека сега станува јасно „зошто Вашингтон ја обвинуваше Русија“ за наводните провокации и наводна инвазија.

„Ова не е ништо друго освен провокација којашто ја измислија (САД) за да ја дезинформираат светската заедница. Тие самите создадоа непостоечка закана, а потоа го одобрија нападот врз цивилите во Донецк и Луганск, па дури и веќе ги назначија и виновниците“, заклучува Володин.

 

Европа како арена на воени дејствија

Според Володин, во случај на разгорување на оружениот конфликт во источна Украина, Европа е таа која ќе стане главната арена на воените дејствија, и критикува дека и покрај тоа цело време европските челници молчат.

Според него, САД не стравуваат и не ги интересира дека „со своите постапки Киев ги пречкртува договорите од Минск“.

„Тие (Американците) добро знаат до каква трагедија може да доведе сево ова, па ги евакуираа своите дипломати од Киев. Но дали Европа го сфаќа тоа? Нејзините лидери молчат“, истакнува Володин.

„Би сакал да апелирам до пратениците на европските земји: прашајте ги своите гласачи дали тие сакаат војна? И, второ, што правите за да ја спречите?“, додава Володин.