Волонте: Победата на ВМРО-ДПМНЕ е неоспорна, местото на опозицијата е во Парламентот

Изборната победа со освоените 61 мандати во Парламентот е неоспорна и зборува за силната поддршка што граѓаните на Македонија ја дадоа на политиките на Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ и премиерот Никола Груевски. Се надевам дека Владата ќе продолжи мошне успешно да ја предводи Македонија.

Ова се наведува во честитката од почесниот претседател на Групата на Европската народна партија во Парламентарното собрание на Советот на Европа, Лука Волонте, до ВМРО-ДПМНЕ, нивната сестринска партија, како и до претседателот Ѓорге Иванов по повод победата на парламентарните и претседателските избори одржани на 27 април.

„Се надевам дека Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ и премиерот Никола Груевски ќе продолжи по патот на реформите за да обезбеди подобар живот за сите граѓани, како и евроатлантската интеграција на Македонија. Лично сум среќен што политиките на ниски даноци, како и вкупните економски реформи, се ефикасни и се повеќе меѓународни компании гледаат на Македонија како на добро место за инвестирање. Исто така, ја поддржувам и интеграцијата на Македонија во ЕУ и НАТО и го охрабрувам продолжувањето на реформите во сите области како во финансиите, здравството, образованието, социјалната заштита и друго“, вели Волонте во изјавата за МИА.

Тој со честитка и до сите институции во државата за добро организираните избори кои, вели, според извештаите на ОБСЕ/ОДИХР и на Парламентарното собрание на Советот на Европа беа оценети како професионално и добро организирани, демократски и фер. На овие избори, додaва тој, граѓаните можеа слободно да ја изразат нивната волја и избор.

„Во исто време, не можам да ја разберам одлуката на раководството на СДСМ за бојкот на мандатите во Парламентот. Улогата на сите партии кои добија поддршка е во Парламентот како најдобар форум на кој ќе можат да ги соочат нивните идеи и концепти. Секоја опозиција мора да биде конструктивна и да е коректор на моќта на Владата. Овие одлуки и акти на СДСМ се неприфатливи и можат да го загрозат имиџот на Македонија. Улогата и местото на опозицијата е во Парламентот. Уште еднаш ги повикувам да ја преиспитаат нивната улога и да ги испочитуваат мандатите што им ги дадоа нивните поддржувачи. Причините за неуспехот и лошите резултати тие треба да ги побараат кај себе во нивните изборни програми и концепти, а не во нешто друго. Македонија заслужува подобра иднина, а однесувањето на Социјалдемократите може да креира проблеми за државата. Сигурен сум дека поддржувачите на Социјалдемократите исто така сакаат земјата да напредува и дека не се согласуваат со ваквата штетна одлука на раководството на СДСМ“, порачува Волонте.

Лука Волонте е еден од најпознатите политичари во Италија. Политоколог по образование во италијанската политика е од 1994 година. Бил пратеник во повеќе мандати во Италијанскиот парламент, а од 2010 година и претседател на ЕПП – групата во Советот на Европа, која е најголема и највлијателна група.

Автор е на бројни закони кои темелно ја изменија Италија. Основач и прв претседател е на Фондацијата „Новае Террае“. Во фондацијата членуваат голем број проминентни политичари од цела Европа.