На Волстрит, берзанските индекси благо паднаа во средата, бидејќи инвеститорите не сакаа поризични инвестиции пред објавувањето на новиот извештај за инфлацијата во САД, што може да влијае на насоката на пазарот.
Индексот Dow Jones загуби 0,06 отсто, на 38.949 поени, додека S&P 500 се лизна за 0,17 отсто, на 5.069 поени, а индексот Nasdaq загуби 0,55 отсто, на 15.947 поени.
По силниот раст на цените на акциите минатата седмица, благодарение на еуфоријата за развојот на вештачката интелигенција, пазарот беше претпазлив последните денови, а Dow Jones и S&P 500 се лизнаа од рекордно ниво.
Како што помина шпицот на сезоната за објавување на деловните резултати на компаниите, во фокусот на инвеститорите се вратија макроекономските податоци и шпекулациите кога американската централна банка ќе почне да ги намалува каматните стапки.
Неодамнешните податоци за потрошувачките цени покажаа дека инфлацијата во САД неочекувано порасна во јануари. Други податоци покажуваат дека економијата продолжува да расте значително и дека пазарот на труд е силен. Затоа, челниците на Fed велат дека нема потреба да се брза со намалување на каматните стапки.
Поради сево ова, надежите на инвеститорите дека Fed може да ги намали каматните стапки во март целосно исчезнаа. Сѐ помалку изгледи има и за намалување во мај, па сега на пазарот преовладува мислењето дека Fed ќе почне да ги намалува каматните стапки на јунската сесија.
Така, инвеститорите претпазливо го очекуваат внимателно следениот извештај на Fed за Индексот на потрошувачките цени што треба да се објави во четврток. Во анкетата на Reuters аналитичарите очекуваат овие цени да пораснат за 0,3 отсто на месечна основа во јануари.
Доколку се покаже дека инфлацијата не попушта како што се проценува, пазарот би можел да се најде под притисок, имајќи предвид дека цените на акциите речиси континуирано растат во последните месеци.
И на повеќето европски берзи цените на акциите вчера пораснаа. Сепак, лондонскиот FTSE индекс ослабе за 0,76 отсто, на 7.624 поени, но франкфуртски DAX зајакна за 0,25 отсто, на 17.601 поен, а париски CAC 0,08 отсто, на 7.954 поени.