Волстрит благо падна во внимателното тргување

© AP Photo / Richard Drew

На Волстрит во средата цените на акциите благо паднаа, а се тргуваше претпазливо бидејќи вложувачите не се сигурни дека има причина за натамошно купување акции по силниот раст на нивните цени во претходните два дена.

И на европските берзи вчера цените на акциите паднаа. Лондонскиот FTSE индекс ослабе за 0,48 отсто на 7.052 поени, додека фанкфуртскиот DAX се лизна за 1,21 процент на 12.517 поени, а парискиот CAC индекс падна за 0,90 отсто на 5.985 поени.

Во Њујорк, пак, индексот Dow Jones ослабе за 0,14 отсто на 30.273 поени, додека S&P 500 падна за 0,20 проценти на 3.783 поени, а Nasdaq индексот се лизна за 0,25 отсто на 11.148 индексни поени.

Откако претходните два дена индексите Dow Jones и S&P 500 забележаа најголем дневен скок од април 2020 година, вчера тргувањето на Волстрит се примири. Вложувачите се претпазливи, на што укажува помалиот обем на тргувањето. Сопственикот вчера го заменија 10,4 милијарди акции, додека просечниот дневен обем во последните 20 дена изнесуваше 11,6 милијарди акции.

Претходните денови на пазарот надвладуваше мислењето дека американската централна банка Federal Reserve (Fed) би можела да ги забави темпото на зголемување на клучните каматни стапки. Но вчера, Мери Дејли, претседателката на експозитурата во Сан Франциско, изјави дека инфлацијата претставува проблем и дека централната банка останува на својата политика.

„Патот е јасен: ќе ги подигнеме каматните стапки во рестриктивната област и таму ќе ги држиме извесно време. Доследни сме на тоа да ја спуштиме инфлацијата и на тој пат ќе останеме сѐ додека тоа и навистина не го постигнеме“, рече Дејли.

Поради тоа на пазарот на парите сега се проценува дека Fed на дводневната седница на 1-ви и 2-ри ноември, повторно, веќе четврта седница со ред, ќе ги зголеми клучните камати за агресивните 0,75 процентни поени.

А дека инфлацијата уште извесно време би можела да се задржи околу највисоките нивоа во историјата, покажуваат и податоците од и натаму силниот пазар на трудот. Агенцијата за вработување ADP извести вчера дека во септември бројот на вработените во приватниот сектор во САД се зголемил за 208.000, малку повеќе од очекуваното.

Силната побарувачка на работници навестува дека притисокот врз растот на платите, а со тоа и потрошувачката и инфлацијата, ќе продолжи. Поради тоа фокусот на вложувачите во петокот ќе биде на владиниот извештај за вработувањето во изминатиот месец, што би можело позначително да влијае на насоката на пазарите.