Волстрит благо порасна минатата седмица, европските берзи паднаа

Минатата седмица на светските берзи се тргуваше внимателно бидејќи инвеститорите стравуваат од ескалација на кризата на Блискиот исток, па индексите значително паднаа на европските берзи, додека благо пораснаа на њујоршки Волстрит.

На Волстрит минатата седмица инексот Dow Jones зајакна за 0,1 отсто, достигнувајќи рекордни 42.352 поени, а индексот Nasdaq порасна за исто толку, достигнувајќи 18.137 поени. Инексот S&P 500 зајакна, од друга страна, за 0,2 отсто, на 5.751 поен.

На берзите се тргуваше внимателно бидејќи инвеститорите стравуваат од ескалација на конфликтот на Блискиот исток откако Иран во вторникот одмазднички истрела низа ракети врз Израел како одмазда за израелската офанзива против сојузниците од Хезболах во Либан. Израел рече дека ќе одговори на Иран, додека американскиот претседател Џо Бајден го поддржа Израел, но рече дека не поддржува напад врз иранските нуклеарни локации како одговор на иранскиот ракетен напад. Се уште се чека одговорот на Израел.

Инвеститорите се фокусираа и на податоците од американскиот пазар на труд. Бројот на вработени во септември е зголемен за 254 илјади, значително повеќе од очекуваното, додека стапката на невработеност се лизна на 4,1 отсто. Ова е добра економска вест бидејќи покажува дека состојбата на пазарот на труд е подобра отколку што се мислеше. Но, тоа е лоша вест за оние кои се надеваа дека американската централна банка ќе продолжи да ги намалува нагло каматните стапки.

По извештајот за вработување, стивнаа шпекулациите за намалување на каматите за 0,50 процентни поени во ноември.

Податоците на Eurostat, сепак, покажаа дека инфлацијата во еврозоната се лизна на 1,8 отсто во септември, што е под целното ниво на Европската централна банка од 2 отсто. Ова отвора простор за Европската централна банка (ECB) да го продолжи циклусот на намалување на каматните стапки, а по податоците кои покажуваат дека економијата на еврозоната не е во многу добра состојба, инвеститорите веруваат дека ECB наскоро дополнително ќе ги намали каматните стапки, по третпат оваа година.

И покрај тоа, минатата седмица цените на акциите паднаа на европските берзи. Лондонскиот FTSE индекс ослабе за 0,5 отсто, на 8.280 поени, додека франкфуртски DAX се лизна за 1,8 отсто, на 19.120 поени, а париски CAC за 3,2 отсто, на 7.541 поен.