На њујоршки Волстрит, индексот S&P 500 падна во четвртокот, како последица од падот на акциите на компаниите „Netflix“ и „Tesla“ по објавата на деловните резултати, додека Dow Jones порасна деветти ден по ред.
Индексот Dow Jones зајакна 0,47 отсто, на 35.225 поени, додека S&P 500 се лизна за 0,68 отсто, на 4.534 поени, а индексот Nasdaq 2,05 отсто, на 14.063 поени.
Падот на S&P 500 и Nasdaq индексите најмногу се должи на притисокот врз акциите на „Netflix“ и „Tesla“, откако технолошките гиганти ги објавија кварталните деловни резултати. Цената на „Tesla“ потона речиси 10 отсто, а на „Netflix“ за повеќе од 8 отсто.
„Вестите од Netlfix и Tesla не се крај на светот, но им дадоа причина на инвеститорите да се запрашаат дали требало да ги купат овие акции по толку високи цени. Затоа, дел од инвеститорите решија да ги повлечат парите од овие акции“, вели Кен Полцари, партнер во компанијата „Kace Capital Advisors“.
Од друга страна, цената на акцијата на „Johnson & Johnsona“ силно скокна, за повеќе од 6 отсто, откако компанијата ги објави деловните резултати и ги зголеми проценките за заработката за оваа година. Тоа е главната причина за растот на индексот Dow Jones деветти ден по ред.
Досега 77 компании од индексот S&P 500 ги објавија своите деловни квартални резултати, а повеќето од нив ги надминаа проценките на аналитичарите во однос на заработката.
Во анкетата на Reuters, аналитичарите проценуваат дека заработката на компаниите од индексот S&P 500 паднала за 7,9 отсто во вториот квартал во споредба со истиот период минатата година. Сепак, на почетокот на месецот се очекуваше пад на заработката од 5,7 отсто.
И на европските берзи цените на акциите вчера пораснаа. Лондонски FTSE индекс зајакна за 0,76 отсто, на 7.646 поени, додека франкфуртски DAX порасна за 0,59 отсто, на 16.204 поени, а париски CAC 0,79 отсто, на 7.384 поени.