Волстрит падна од рекордно ниво

Акциите паднаа на Волстрит во вторникот, бидејќи инвеститорите беа претпазливи од ескалацијата на конфликтите на Блискиот исток па S&P 500 и Dow Jones индексите селизнаа од рекорните нивоа.

Индексот Dow Jones загуби 0,41 отсто, на 42.156 поени, додека S&P 500 се лизна за 0,93 отсто, на 5.708 поени, а индексот Nasdaq загуби 1,53 отсто, на 17.910 поени.

Падот на индексите е последица на претпазливоста на инвеститорите поради ескалацијата на конфликтот на Блискиот исток. Иран истрела низа балистички ракети кон Израел во вторникот вечерта како одмазда за израелската офанзива против ирнаскиот сојузник шиитското движење Хезболах во Либан, а Израел рече дека ќе му возврати на Иран.

Американскиот претседател Џо Бајден, од друга страна, ѝ нареди на американската војска да му помогне на Израел да се одбрани од иранските напади и да ги собори ракетите насочени кон Израел.

„Доколку дојде до дополнителна ескалација на конфликтот, очекувам продолжување на слабоста на пазарот бидејќи едноставно не знаеме до каде може да оди. Ризикот е зголемен. Пазарот досега имаше добра година и инвеститорите стравуваат дека пазарот ќе зависи од тоа што ќе се случи во следните неколку недели“, објаснува Питер Таз, претседател на компанијата „Chase Investment Counsel“.

Во повеќето сектори цените на акциите вчера паднаа, но поради растот на нафтата значително порасна енергетскиот сектор. Така, цената на акцијата на „Exxon Mobil“ скокна за 2,3 отсто. Цените на акциите на производителите на оружје, како „Northrop Grumman“ и „Lockheed Martin“, исто така, пораснаа за повеќе од 3 отсто.

На повеќето европски берзи цените на акциите вчера паднаа. Сепак, лондонскиот FTSE индекс зајакна за 0,48 отсто, на 8.276 поени, но франкфуртски DAX се лизна за 0,58 отсто, на 19.213 поени, а париски CAC 0,81 отсто, на 7.574 поени.