Волстрит под притисок од зголемените цени на производителите

На Волстрит, берзанските индекси паднаа во четвртокот, бидејќи посилниот од очекуваниот пораст на производствените цени во САД ги намали шансите американската централна банка да започне со намалување на каматните стапки во јуни.

Индексот Dow Jones загуби 0,35 отсто, на 38.905 поени, додека индексот S&P се лизна за 0,29 отсто, на 5.150 поени, а индексот Nasdaq 0,30 отсто, на 16.128 поени.

Најновите податоци покажаа дека цените на производителите во САД се зголемија за 0,6 отсто во февруари, двојно повеќе од очекуваното, најмногу поради повисоките цени на бензинот и храната. Ова поттикна корекција на цените на акциите во секторите за комунални услуги и недвижности, кои се чувствителни на промените на каматните стапки.

Од друга страна, падна цената на акцијата на технолошката ѕвезда „Nvidia“, за 3,2 отсто, повлекувајќи го целиот сектор надолу во просек за 1,8 отсто. Од почетокот на седмицата, секторот на производители на чипови падна за 3,5 отсто, бидејќи инвеститорите решија да повлечат дел од профитот од пазарот по неодамнешниот остар скок на нивните цени.

Следната седмица инвеститорите ќе се фокусираат на состанокот на Fed. Се очекува централната банка да ги остави каматните стапки непроменети, а бидејќи инфлацијата остана покачена во последните два месеца, сè помалку е веројатно дека Fed ќе ги намали каматните стапки во јуни.

„Ако ја погледнеме вкупната инфлација, таа остана покачена во изминатите два месеца, но пазарот некако расте. Fed можеби нема да ја олабави монетарната политика оваа година колку што пазарот сакаше, но изгледите за натамошно затегнување сè уште се многу мал“, вели Тони Велч, главен директор за инвестиции на „SignatureFD“.

И покрај падот два дена по ред, индексите сè уште се на пат за благи добивки оваа седмица. Од почетокот на годината, сепак, индексот S&P 500 сè уште е во пораст за приближно 8 проценти.

И на повеќето европски берзи цените на акциите вчера паднаа. Лондонскиот FTSE индекс се лизна за 0,37 отсто, на 7.743 поени, а франкфуртски DAX 0,11 отсто, на 17.942 поени. Парискиот CAC зајакна, пак, за 0,29 отсто, на 8.161 поен.