Волстрит во минус по извештајот на Nvidia

Берзанските индекси паднаа на Волстрит во средата и се очекува повторно да паднат во четврток, бидејќи деловните резултати од најголемиот светски производител на чипови за вештачка интелигенција „Nvidia“ не беа толку одлични како што се надеваа инвеститорите.

Индексот Dow Jones вчера загуби 0,39 отсто, на 41.091 поен, додека S&P 500 индексот се лизна за 0,60 отсто, на 5.592 поени, а индексот Nasdaq се намали за 1,12 отсто, на 17.556 поени.

Цените на акциите вчера паднаа најмногу во технолошкиот сектор, бидејќи инвеститорите беа нервозни пред објавувањето на деловниот извештај на „Nvidia“.

А по затворањето на Волстрит, производителот на чипови објави дека во изминатиот квартал остварил приход од 30 милијарди долари, околу 120 отсто повеќе отколку во истиот период минатата година, додека неговата добивка достигнала 16,6 милијарди долари, околу 10 милијарди долари повеќе од минатата година.

Иако ова беа подобри резултати отколку што очекуваа аналитичарите, цената на акцијата на „Nvidia“ падна за околу 7 отсто по објавувањето на извештајот. Се чини дека инвеститорите се надеваа на уште подобри резултати.

Поради тоа, терминските берзански индекси моментално се во минус, што покажува дека цените на акциите би можеле да паднат и во четврток. Терминскиот индекс S&P 500 моментално е во минус за околу 0,5, а Nasdaq е во минус околу 0,9 отсто.

Последниве години „Nvidia“ стана синоним за еуфоријата создадена околу развојот на вештачката интелигенција. Поради силниот раст на побарувачката за чипови со вештачка интелигенција, „Nvidia“ забележа годишен раст на приходите од повеќе од 200 отсто, при што, секако, силно порасна и заработката на компанијата.

Благодарение на тоа, цената на акцијата на „Nvidia„ порасна за речиси 3.000 отсто од 2019 година, а пазарната вредност на компанијата достигна 3,2 трилиони долари, па заедно со „Apple“ моментално е најголемата светска компанија според пазарна капитализација.

Од почетокот на оваа година, цената на акцијата на „Nvidia“ се зголеми за околу 150 отсто, откако минатата година забележа раст од 240 отсто.

И на повеќето европски берзи цените на акциите вчера пораснаа. Сепак, лондонскиот FTSE индекс ослабе за 0,02 отсто, на 8.343 поени, но франкфуртски DAX зајакна за 0,54 отсто, на 18.782 поени, а париски CAC за 0,16 отсто, на 7.577 поени.