Волстрит во пад четврти ден со ред

На Волстрит берзанските индекси паднаа и во четвртокот, четврти ден со ред, бидејќи вложувачите стравуваат од агресивното зголемување на клучните камати на американската централна банка Federal Reserve (Fed), како и поради фактот дека две големи банки објавија послани отколку што се очекуваше квартални деловни резултати.

Индексот Dow Jones ослабе за 142 поен или за 0,46 отсто, на 30.630 индексни поени, S&P 500 индексот падна за 0,30 проценти на 3.790 поени, а индексот Nasdaq, пак, зајакна за 0,03 отсто, на 11.251 поен.

И на европските берзи вчера цените на акциите паднаа. Така лондонскиот FTSE индекс се лизна за 1,63 отсто на 7.039 поени, франкфуртскиот DAX падна за 1,86 проценти на 12.519 поени, а парискиот индекс CAC загуби 1,41 отсто од вредноста, на 5.915 индексни поени.

Во текот на тргувањето на најголемата светска берза, индексите беа инаку во подлабок минус, бидејќи вложувачите и натаму се под впечатокот дека инфлацијата во САД во јуни достигна 9,1 отсто, што е новото највисоко ниво по повеќе од 40 години.

Поради тоа, се очекува дека американската централна банка и во јули, втор месец со ред, ќе ги зголеми клучните каматни стапки за агресивните 0,75-процентни поени. Некои, дури, шпекулираат дека Fed ќе ги зголеми каматните стапки за цел процентен поен.

Поради тоа, растот на економијата забавува, а се поставува прашањето дали Fed ќе успее „меко“ да го приземји стопантвото или ќе го турне во рецесија.

„Ќе има рецесија, но блага. Клучната компонента и натаму е силниот пазар на трудот. Имајќи ја предвид високата вработеноста, рецесијата не е толку блиска закана“, вели за Reuters Оливер Парш, потпретседател во компанијата „Wealthspire Advisors“./

Инвеститорите вчера неа разочарани и од послабите отколку што се очекуваше квартални деловни резултати на две големи американски банки, „ЈPMorgan Chase’ и „Morgan Stanley“. И двете известија за пад на добивката и предупредија на забавувањето на економскиот раст.

Поради тоа, цената на акциите на „ЈPMorgan Chase“ падна за 3,5 отсто, а на „Morgan Stanley“ за 0,4 отсто, па S&P индексот на банкарскиот сектор загуби 2,4 отсто. Но растот на цените на акциите во технолошкиот сектор ги ублажи пред крајот на тргувањето загубите на целиот S&P 500 индекс, а Nasdaq дури ѕирна во позитивната област.

И следните денови во фокусот на инвеститорите ќе бидат деловните резултати на компаниите. Почетокот на сезоната на објава на резултатите не импресионираше, па затоа се намалени процените. Во анкетата на Reuters аналитичарите сега проценуваат дека компаниите од составот на индексот S&P 500 во второто тримесечје оствариле раст на заработките за 5,1 отсто во однос на истиот период лани, додека веќе кон средината на седмицава очекуваа раст од 5,7 отсто.