Еден од најголемите светски производители на автобуси „Volvo Buses“, инаку дел од шведската „Volvo Group“, одлучи да ја затвори својата фабрика во југозападниот дел на полски Вроцлав во првиот квартал од следната година.
Ќе бидат погодени 1.600 работни места, вклучително и 1.500 во Вроцлав, објави компанијата.
Фабриката „Volvo Buses“ во Вроцлав е отворена во 1996 година, а произведува автобуси за градски и меѓуградски сообраќај, како и луксузни автобуси, пренесува SEEbiz.
Компанијата одлучи да ја затвори фабриката, бидејќи ќе воспостави нов бизнис модел во Европа, кој се покажа како ефикасен и на други пазари, објави полската новинска агенција PAP.
Така, „Volvo“ ќе го фокусира производството на шасија на автобуси, а ќе користи надворешни компании за комплетирање на каросеријата на неколку типови возила.
Во исто време, од „Volvo Buses“ објаснија дека веќе потпишале писмо за намери според кое ќе го продадат својот недвижен имот во Вроцлав на шведската инвестициска групација „Vargas Holding“.
„Со години правиме загуби во Европа. Со новиот деловен модел, кој денес веќе успешно го користиме на различни пазари, ќе ја подобриме профитабилноста и ќе ја обезбедиме нашата долгорочна конкурентност“, изјави Ана Вестерберг од „Volvo Buses“.