Тим инспектори од Државниот здравствен и санитарен инспекторат (ДЗСИ) во ЈЗУ Клиничка болница-Битола денеска инспектираат со цел да ги утврдат причините за смртта на новороденче на Одделението за гинекологија и акушерство во таа болница.
Од Министерството за здравство соопштија дека комисија од специјалисти гинеколози, неонатолог и анестезиолог, врши вонреден инспекциски надзор.
– Во врска со случајот со починатото новороденче во Клиничка болница Битола, информираме дека денеска Државниот санитарен и здравствен инспекторат врши вонреден инспекциски надзор. Комисијата е излезена на терен и во тек е надзорот за утврдување на текот на лекувањето на починатото новороденче. Истовремено е формирана и комисија за стручен надзор, составена од двајца специјалисти гинеколози, неонатолог, анестезиолог, како и претставник од Министерството за здравство. Директорот на Клиничка болница Битола, д-р Александар Обедниковски, утрово до Министерството поднесе неотповиклива оставка од морални причини, соопштија од Министерството за здравство.