Се врши истрага во четвртокот за причините за смртта на шестгодишно девојче, велат претставници на Клиничката болница во Битола, и додаваат дека за случајот веднаш биле известени обвинителството и полицијата со цел службено да постапат откако во болницата беше регистрирана смрт на шестгодишно девојче донесено од родителите на лекарски преглед.
И од Министерството за здравство за утре најавуваат вонреден инспекциски надзор за овој случај. Обдукцијата на телото на девојчето е веќе завршена, а резултатите се очекува да пристигнат за десет дена.
Во средата во битолската Клиничка болница почина Јана Христовска, шестгодишно девојче кое родителите го донеле на преглед по зголемена температура и симптоми на настинка.
Родителите на починатото девојче изразија сомневање дека станува збор за пропуст во третманот, бидејќи нивната ќерка не боледувала од други болести и била здраво дете.
„Девојчето не боледуваше од никакви болести, освен што претходниот ден имаше температура, па ѝ дадовме сируп и ѝ спадна. Другиот ден се жалеше на малаксаност и болки во мускулите, а пред Нова година имаше вирус од кој и потекоа капачињата на очите и тоа пак ѝ се случи вчера. На Одделението за педијатрија ја прегледаа и ни рекоа да направиме крвна слика. Шеќерот ѝ го измерија 9. Во 10 часот ѝ зедоа крв, а рекоа резултатите по 12 часот. Ѝ кажав на докторката за шеќерот, рече не е многу. Дури ги чекаа реузлтатите ѝ ставија инфузија. Наша претпоставка е дека е гликоза за да ја освежат. Кога дотече, шеќерот се крена 19. Ги фати паника, почна да се компликуваат работите. Се јавија во лабораторија, побрзо да ги направат анализите на крвта. Се насобраа доктори“, изјави таткото Стојче Христовски за Сакам да кажам.