Лидерите на земјите-членки на ЕУодржаа вонреден состанок за да ги разгледаат мерките кои би се преземале во иднина со цел спречување на трагедиите на имигрантите и спречување на трговијата со имигранти по бродоломот, во кој за време на изминатиот викенд се удавија околу 900 лица во Средоземното Море.
Се очекува на состанокот да биде изменета одлуката за намалување на средствата за спасувачки акции и да се усвојат мерки за борба против криумчарење на имигранти, а според претседателот на Европскиот совет, Доналд Туск најголем предизвик ќе биде јакнење на „европската солидарност“, посебно кога станува збор за сместување и релокација на имигранти и барањата за азил.
Туск истакна дека ова е проблем на цела Европа, а не само на нејзините јужни членки, и дека сите имаат огромна одговорност, пренесува Танјуг.
Германската канцеларка Ангела Меркел стави акцент на решавање на причините за имиграција и борба против криумчарите.
– Треба да се спречи трговијата со луѓе, да се запре криумчарењето и да се зајакне борбата против причината за имиграција. Пред се треба да се спасат човечките животи и да се усвојат адекватни мерки, наведува Меркел.
Британскиот премиер Дејвид Камерон најави дека Велика Британија ќе помогне со финансиски средства, но имигрантите нема автоматски да добиваат азил во неговата земја.
Високата претставничка на ЕУ за надворешна политика и безбедност, Федерика Могерини вети дека ЕУ ќе одговори на „конкретен, европски начин на ваквите трагедии“.