Инспектори од Агенцијата за цивилно воздухопловство, предводени од директорот Драги Стојаноски, пред 3 дена извршиле вонреден инспекциски надзор во ТАВ Македонија, во врска со инцидентот на скопскиот аеродром во кој беше инволвирана косовската претседателка Вјоса Османи. Било утврдено дека аеродромските служби надлежни за безбедносни проверки постапиле професионално во случајот и согласно меѓународна регулативата, со тоа што не дозволиле таа да ги заобиколи стандардите и процедурите дури и, како што велат, под притисок на лицата кои биле во придружба на патникот.
По обвинувањата од Кабинетот на Османи дека настанот на аеродромот бил „чиста провокација и тенденција за предизвикување инцидент“ и тврдеа дека таа како претседател на држава поминувала на другите аеродроми без да помине на скенер, од Агенцијата информираат дека меѓународните стандарди се јасни, а доколку службениците во ТАВ постапеле различно од пропишаните правила и дозволиле пропусти и заобиколување на пропишаните процедури истите ќе се соочеле со сериозни санкции од Агенцијата за цивилно воздухопловство.
-Со оглед на тоа што се работи за општо прифатени меѓународни стандарди, доколку било кој се сомнева во нивната веродостојност, препорачуваме истата пракса да ја примени на некој од европските меѓународни аеродроми како би можеле да се уверат во нивната примена, се вели во соопштението од Агенцијата.
Оттаму додаваат дека Османи и претходно во два наврати во 2022 и 23-та одбивала да ги помине безбедносните проверки на аеродромот, а ги прифатила дури кога пилот одбил да ги прими патниците во авионот без проверка. Од Агенцијата потенцираат дека не сакаат да се мешаат во политичките превирања, но велат дека ќе направат се за ова да биде последен пат.
-Како независно регулаторно тело би сакале да останеме надвор од политичките превирања за овој немил настан и искрено жалиме што наместо професионална разрешница на овој настан од каде би се извлекле поуки и би се преземале соодветни мерки за нивно ублажување и избегнување во иднина, сведоци сме на обиди за политичко поентирање и извртување на вистинската причина за неговото настанување. Во случајов извинување заслужуваат само аеродромските служби кои обидувајќи се доследно да ја извршуваат својата работа согласно прифатените меѓународни правила и практики, претрпеа непотребни притисоци закани и омаловажувања, велат од таму.